За уживање во фудбалското финале – три брзи закуски за дуелот меѓу Шпанија и Аргентина
Вечерва очите на фудбалскиот свет ќе бидат вперени кон финалето на Светското првенство, во кое за шампионската титула ќе се борат Шпанија и Аргентина. Ако натпреварот ќе го следите во друштво на семејството или пријателите, добрата закуска е речиси задолжителен дел од атмосферата.
Препорачано
Ви предлагаме три едноставни и вкусни рецепти што се подготвуваат за неколку минути, без вклучување шпорет, а одлично се комбинираат со ладно пиво и ќе го направат уживањето во големото финале уште подобро.
Кремаст намаз од фета-сирење
Овој кремаст намаз е одличен избор за тортиља чипс, крекери или свеж зеленчук. Се подготвува за само неколку минути, а најдобро е да се послужи добро изладен.
Состојки
- 225 г фета-сирење
- 170 г грчки јогурт
- 1 чешне лук
- 1 лажичка маслиново масло
- бибер по вкус
Подготовка
Излупете го лукот и издробете го фета-сирењето. Сите состојки ставете ги во блендер и блендирајте додека не добиете мазна смеса. Префрлете ја во сад и оставете ја најмалку 30 минути во фрижидер. Послужете ја со тортиља чипс или со свежи стапчиња од морков, краставица и целер.
Ролнички со мисиркина шунка
Овие ролнички се подготвуваат за неколку минути, а може да ги прилагодите според сопствениот вкус. Освен што изгледаат ефектно, тие се и практични за послужување на забава или пикник.
Состојки
- 200 г крем-сирење
- 8 листови зелена салата
- 8 тортиљи
- 200 г тенко сечена мисиркина шунка
Подготовка
Премачкајте ја секоја тортиља со крем-сирење, наредете лист зелена салата и мисиркина шунка, па завиткајте ја цврсто како палачинка. Исечете ја на помали ролнички и послужете веднаш.
Антипасти на раженчиња
Инспирирани од италијанските антипасти, овие мини раженчиња се совршени за неформални дружби бидејќи лесно се јадат и нудат богата комбинација од вкусови.
Состојки
- 100 г пршута и салама Милано
- мини топчиња моцарела
- коцки пармезан
- неколку чери домати
- свеж босилек
- црни и зелени маслинки
Подготовка
Измијте ги чери доматите и пресечете ги на половина. На чепкалка или мало раженче нанижете топче моцарела, лист босилек, завиткано парче пршута, половина чери домат и по желба маслинка или коцка пармезан. Наредете ги на чинија и послужете ги како лесна летна закуска.


