Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Жербо – безвременски колач што мириса на дом и традиција
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
Бобе денеска споделува рецепт за неодолив десерт – колачот жербо.

– Постојат рецепти што никогаш не излегуваат од мода, а жербо е токму еден од нив, со своите тенки кори, богат фил од кајсии и ореви и неодолива чоколадна глазура. Денеска со вас го споделувам мојот омилен рецепт, малку збогатен со арома на портокал, која му дава посебна свежина и нежен мирис. Се надевам дека ќе стане еден од вашите омилени колачи! – порачува Бобе.

Потребни состојки за тестото:
– 200 г путер
– ½ пакување свеж квасец
– 100 г шеќер во прав
– прстофат сол
– 3 жолчки
– 1 прашок за печиво
– 150 мл јогурт
– 500 г брашно
– рендана кора од 1 портокал
За филот:
– 400 г џем од кајсии
– 200 г мелени ореви
– 100 г шеќер во прав

За чоколадната глазура:
– 100 г чоколадо за готвење
– 30 мл слатка павлака

Подготовка:
Путерот и шеќерот во прав се матат додека не се добие кремаста смеса. Се додаваат жолчките и се продолжува со матење.
Во смесата се додаваат квасецот, прашокот за печиво, ренданата кора од портокал, солта, јогуртот и брашното. Се замесува меко и нелепливо тесто. Тестото се завиткува во растеглива фолија и се остава во фрижидер да одмори околу 30 минути.
Потоа се дели на четири еднакви дела. Од секој дел се развлекува тенка кора на лесно набрашнета работна површина. Во правоаголен плех (40 × 25 см) се става првата кора и се боцка со виљушка. Се премачкува со дел од џемот од кајсии и се посипува со мешавина од мелени ореви и шеќер во прав. Постапката се повторува со следните две кори. Последната, четврта кора се поставува одозгора и се боцка на неколку места со виљушка.
Колачот се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 30 минути, односно додека не добие убава златеста боја. Се остава целосно да се излади.
Во мало тенџере се става слатката павлака да се загрее, се тргнува од оган и во неа се става чоколадото, се меша додека не се растопи чоколадото. Изладениот колач се прелива со глазурата и се остава да се стегне пред сечење.
Жербо е уште повкусен следниот ден, кога сите вкусови убаво ќе се соединат.
На здравје!

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Проја со праз и сирење
Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Џем од кајсии
Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Џем од кајсии


