Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Џем од кајсии
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
Бобе денеска споделува рецепт за вистински деликатес – џем од кајсии.
– Златножолтите кајсии во овој домашен џем го носат целиот вкус и мирис на летото. Сладок, ароматичен и едноставен за подготовка, е совршен додаток за појадок или омилен десерт – порачува Бобе.

Состојки:
– 5 кг зрели кајсии
– 1 кг шеќер

Подготовка:
Измијте ги кајсиите, извадете ги семките и пресечете ги на половини. Во длабоко тенџере редете слој кајсии, па слој шеќер, додека не се потрошат сите состојки. Покријте го тенџерето со капак и оставете го во фрижидер да отстои 12 часа.
Извадете го тенџерето од фрижидер и ставете го на силен оган. Откако ќе почне да врие, варете со постојано мешање и вадете ја пената што ќе се создава. По желба, можете делумно да ги испасирате кајсиите со рачен блендер за помазна текстура.
Џемот е готов по приближно 30 минути – кога ќе почне лесно да се одвојува од лажицата. Тогаш тргнете го од оган.
Ставете го жешкиот џем во претходно измиени и во рерна загреани тегли (на 100 степени). Затворете ги со топли капачиња и вратете ги во исклучена, но топла рерна да останат таму преку ноќ.
Следниот ден, изладените тегли складирајте ги во суво и темно место. Џемот ќе ве радува низ целата зима.
Миризлив и неодоливо вкусен, овој домашен џем од кајсии го зачувува најубавото од летото во секоја лажичка.

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Проја со праз и сирење
Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Тиквички полнети со моцарела


