Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Тиквички полнети со моцарела
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес тиквички полнети со моцарела.
– Кога едноставните состојки ќе се спојат на вистински начин, се создава магија што мириса на топол дом и летна трпеза. Овие тиквички полнети со моцарела се токму такво уживање — крцкави однадвор, со златна ароматична коричка, а одвнатре исполнети со растопено сирење што нежно се развлекува со секој залак. Мирисот на мајчина душичка и крцкавата обвивка буди апетит уште додека се печат, а лесниот јогурт-сос со лимон додава свежина што совршено го заокружува вкусот – порачува Бобе.

Состојки
За тиквичките:
- 2 тиквички
- 2 јајца
- 250 грама моцарела
- 150 грама брашно
- 150 грама презла
- маслиново масло
- неколку гранчиња мајчина душичка
- 1/2 лажица лук во прав
- 1 лажица црвен пипер
- сол и бибер по вкус
За сосот:
- 150 г грчки јогурт
- 1 лажица сок од лимон
- малку рендана кора од лимон
- сол и бибер по вкус
Подготовка
Тиквичките исечете ги на тенки листови по должина со помош на нож или лупалка. Посолете ги и оставете ги околу 10 минути за да пуштат течност и да омекнат. Потоа избришете ги со хартиена салфета.
Подгответе три сада: во првиот ставете брашно, во вториот изматени јајца, а во третиот измешајте презла, ситно сечкана мајчина душичка, лук во прав, црвен пипер, сол и бибер. Секој лист тиквичка најпрво валкајте го во брашно, потоа во јајце, а на крај во ароматичната смеса со презла. На почетокот од секој паниран лист ставете парче моцарела и внимателно завиткајте во ролничка.
Ролничките наредете ги во тава обложена со хартија за печење. Одозгора попрскајте со малку маслиново масло. Печете во претходно загреана рерна на 220°C околу 15 минути, додека добијат крцкава и златна коричка.
За сосот, измешајте ги грчкиот јогурт, сокот и кората од лимон, па зачинете со сол и бибер по вкус.
Послужете ги тиквичките додека се топли, за моцарелата да остане совршено кремаста, заедно со ладниот јогурт-сос кој му дава освежителна нота на секој залак.
На здравје!


