Дали имате „синдром на болна зграда“? 8 знаци дека клима-уредот на работа може да ве разболи
Клима-уредот може да биде спас во жешките летни денови, го одржува воздухот ладен и ја контролира неподносливата влажност, правејќи го престојот во затворен простор многу попријатен отколку на отворено на високи температури.
Препорачано
Но, понекогаш, клима-уредот може да ве разболи, предупреди еден микробиолог.
– Ако системот за климатизација не работи или не се одржува правилно, може да се контаминира со заразни микроби – предупредува д-р Примроуз Фристон од Универзитетот во Лестер, пишува британски „Сан“.
Ова може да го трансформира клима-уредот од пријатна машина во легло на инфекции, исфрлајќи мноштво бактерии во воздухот, што може да доведе до разни болести – од обична настинка до пневмонија.
Всушност, разболувањето по подолг престој во климатизирани простори дури има и име – „синдром на болна зграда“.
Тоа е збир на симптоми поврзани со престој во одредена зграда или соба, кои се влошуваат или исчезнуваат по напуштањето на зградата.
Тоа е термин признат дури и од британската Национална служба за здравје (НХС), која го опишува како колективна група на „симптоми што ги добивате додека сте во одредена зграда“.
Според НХС, постојат најмалку седум симптоми на синдром на болна зграда. Тие вклучуваат:
– главоболка
– затнат или растечен нос
– сува кожа и чешање
– суви, болни очи или грло
– кашлица или „свирење“ во градите
– осип на кожата
– замор
– тешкотии при концентрирањето
– Оваа состојба обично се појавува кај луѓе кои работат во канцеларии, но може да се случи секому што поминува подолг временски период во климатизирани згради како што се болниците. Симптомите на „синдромот на болна зграда“ имаат тенденција да се влошуваат колку подолго престојувате во одредена зграда, а се ублажуваат откако ќе ја напуштите – напишал експертот во текст за „Конверзација“.
Студија од 2023 година од Индија следела 200 здрави возрасни лица кои работеле 6-8 часа на ден во климатизирана канцеларија во споредба со 200 кои не работеле. Групата со климатизација имала повеќе симптоми на „синдром на болна зграда“, особено алергии, имале послаба функција на белите дробови и почесто отсуствувале од работа.
Лошо одржуваните системи за климатизација можат да бидат дом на бактериски патогени кои предизвикуваат сериозни инфекции:
Legionella pneumophila – предизвикува легионерска болест, инфекција на белите дробови која се пренесува со вдишување капки вода што ги содржат овие бактерии. Инфекцијата може да биде опасна по живот и често бара хоспитализација. Симптомите вклучуваат кашлање, треска, главоболки и отежнато дишење.
Габи како што се Aspergillus, Penicillium и Cladosporium можат да растат во системите за климатизација. Овие инфекции можат да бидат сериозни за ранливи пациенти – имунокомпромитирани пациенти, оние кои имале трансплантација на органи или се на дијализа и предвремено родени бебиња.
Вирусите исто така можат да се шират преку климатизација. Норовирусот може да се пренесе преку воздух преку клима уредите – еден случај во кинеска градинка покажал дека 20 деца биле заразени преку клима-системот.
Климатизацијата ги намалува нивоата на влажност, правејќи го воздухот во затворен простор посув од надворешниот воздух. Продолженото изложување на средини со ниска влажност може да ги исуши слузниците во носот и грлото, влијаејќи на нивната способност да спречат влегување на бактерии и габи во телото.
Сепак, клима-уредите можат да помогнат во спречувањето на ширењето на болести. Истражувањата покажуваат дека клима уредите кои редовно се одржуваат и дезинфицираат можат да ги намалат нивоата на циркулирачки вируси, вклучително и ковид-19, бидејќи се дизајнирани да ги филтрираат загадувачите од воздухот.
Клучот е во правилното одржување – редовното чистење и замена на филтрите гарантира дека климатизацијата останува корисна, а не штетна за здравјето.
Ако немате клима уред, ова растение може да ја намали температурата во домот


