Спиете со вклучен вентилатор среде лето? Постојат три начини на кои може да ви наштети
Во текот на летните горештини многумина не можат да замислат да заспијат без вентилатор покрај креветот. Иако струењето на воздухот создава чувство на свежина и помага полесно да се поднесе жештината, експертите предупредуваат дека спиењето со вклучен вентилатор во текот на целата ноќ може да има и несакани последици по здравјето.
Препорачано
Според советите на експертите од „Слип адвајзор“, постојат три главни причини поради кои не се препорачува вентилаторот да работи додека спиете.
Првата е поврзана со алергиите. Вентилаторот постојано ги раздвижува честичките прашина, полен и други алергени низ просторијата. Доколку на неговите лопатки се насобрала прашина, таа се разнесува низ воздухот секојпат кога ќе го вклучите. Ова може да ги влоши симптомите кај луѓето кои страдаат од алергии, астма или сезонска поленска треска.
Втората причина е сушењето на носните канали и кожата. Постојаното струење воздух може да предизвика сушење на слузницата во носот, а организмот како реакција да почне да создава повеќе слуз. Резултатот често е чувство на затнат нос и непријатност по будењето.
Третиот проблем се болките и вкочанетоста во мускулите. Според експертите, луѓето кои спијат директно изложени на ладниот воздух од вентилаторот може да се разбудат со болка во вратот, рамената или грбот. Континуираното ладење на ист дел од телото може да доведе до затегнување и грчење на мускулите.
Како алтернатива, експертите советуваат просторијата да се проветрува навечер, да се спие со отворен прозорец кога тоа е возможно, да се користи лесна памучна постелнина и широка облека од природни материјали. Добра идеја е и држење ладна влажна крпа покрај креветот за освежување во текот на ноќта.
Иако вентилаторот може привремено да ја олесни жештината, неговата употреба во текот на целата ноќ не е секогаш најдобриот избор за квалитетен и здрав сон.
Поради овие 10 митови, сите ги правиме истите грешки со кремите за сончање


