Игор Филков / Фото „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

Филков со една нога надвор, а ЗНАМ не знае што да прави

ВМРО-ДПМНЕ останува на позицијата дека ресорот здравство треба тие да го предводат, а ги нудат или ротираат култура, спорт, земјоделие… Вреди би се согласила да го ротира здравство, но за возврат го бара образование или здравство да остане кај нив, ама да го ротира министерот Азир Алиу со вицепремиерот Беким Сали

Здравство, правда, образование, социјална политика, земјоделие, европски прашања, култура и спорт се ресорите што се на маса пред владините партнери во разговорите за реконструкција на Владата. За кои од ресорите ќе падне договор меѓу премиерот Христијан Мицкоски и копретседателите на Вреди, Билал Касами и Изет Меџити, како и претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски – да ги ротираат или да предложат нови министри – се очекува да биде појасно веќе утре, по што владините партнери ќе ги конкретизираат и кадровските решенија за ресорите.

Според информациите, ВМРО-ДПМНЕ останува на позицијата дека ресорот здравство треба тие да го предводат, а ги нудат или ротираат култура, спорт, земјоделие. Вреди би се согласила да го ротира здравство, но за возврат го бара образование или здравство да остане кај нив, ама да го ротира министерот Азир Алиу со вицепремиерот Беким Сали. На маса за ротација е и вицепремиерското место за добро владеење со Министерството за односи меѓу заедниците, со тоа што Министерството предводено од Иван Стоилковиќ би го зела Вреди, Стоилковиќ да замине од Владата, а ресорот добро владеење да оди кај ВМРО-ДПМНЕ. Неофицијално, можно е во фотелјата на Стоилковиќ да седне кадар од Европскиот фронт, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ тоа место го чува за турската партија од опозиција. Вреди би го менувала и ресорот социјална политика за фотелјата во Министерството за правда. Според брифинзите, ЗНАМ речиси е извесно дека ќе остане без Министерството за правда, бидејќи на Димитриевски му било кажано дека тој ресор е проблематичен. Засега нема договор дали ресорот правда ќе оди кај ВМРО-ДПМНЕ или кај Вреди. Неофицијално, позицијата на владините партнери е дека ЗНАМ има повеќе власт отколку што „тежи“.
Според брифинзите, за Вреди е битно дека избоксувале Лимани не само да замине од ресорот за социјална политика, туку и да не добие ниеден ресор во Владата.

ЗНАМ, пак, засега останува на конзистентниот став дека со ВМРО-ДПМНЕ имаат четиригодишен договор за Владата, до кој се придржуваат и кој според нив не треба да се менува. Ова, пак, значи дека ЗНАМ смета дека не треба да се чепка во нивните ресори. Преговарачкиот тим на ЗНАМ засега не добил одговор од Мицкоски за обемот на реконструкцијата, дали е направена евалуација на работата на сите министри, ниту дали ќе има предвремени парламентарни избори. Одговорот од ВМРО-ДПМНЕ за овие прашања бил дека сè уште анализираат. Нема ниту одговор како ќе одигра ЗНАМ, односно дали ќе остане во Владата ако го изгуби ресорот правда, односно ако остане само со едно министерство, бидејќи за сè што ќе биде договорено меѓу владините партнери ќе треба да помине во партиските органи на ЗНАМ.

Мицкоски изјави дека до крајот на неделава треба да бидат познати кадровските решенија и деталите и дека деновиве ќе има средби со владините партнери за реконструкцијата на Владата. Тој оцени дека првичните разговори меѓу владините коалициски партнери се одвиваат во конструктивна атмосфера.

– Во првите разговори преовладува конструктивен амбиент. Во текот на оваа недела повторно ќе имаме средби, очекувам тие да бидат завршни, а во текот на викендот сето тоа да се формализира и со имиња и со другите специфики – рече Мицкоски.

 

Вицепремиерот Беким Сали во интервју за „360 степени“ потврди дека се разговара за промена на ресори, односно дека во игра здравство и европски прашања. Тој за Министерството за правда рече дека е извесно оти таму ќе има нов кадар, не прецизирајќи од која партија.
Прашан за изјавата на лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, дека повторно би влегол во Владата но само со нов договор кој ќе гарантира почеток на преговорите со ЕУ, премиерот рече дека за тоа не се зборува преку медиуми.

– Нема поголема гаранција за евроинтегративниот пат на државата од конечното раскинување на договорот со фирмата „Ѓока констракшн“. Вакви работи не се разговараат преку медиуми – рече Мицкоски.

Таравари за телевизијата „Шења“, на новинарско прашање дали е можно Алијансата за Албанците повторно да биде дел од извршната власт, рече дека е понижувачки да влезе во Владата од која веќе еднаш излегол, но не ја исклучува можноста за разговори доколку биде постигнат, како што рече, нов политички договор

– Само со нов договор во кој би имало барем гаранции за почеток на преговорите со Европската Унија и во тој случај може да се разговара и за уставни измени, во спротивно немаме што да бараме таму- рече Таравари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот