Расходната страна се зголемува за 178,9 милиони евра, ќе има повеќе пари за инфраструктура- ребалансот помина на Влада
Ребалансот го помина владиниот филтер. Приходната страна се зголеми за околу 68 милиони евра, а расходната за 178,9 милиони евра.
Препорачано
-Македонската економија покажа отпорност на геополитичките случувања, но растот на цените на енергенсите создаде нови предизвици и за домашната економија, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на прес-конференцијата по усвојувањето на ребалансот од страна на Владата.
Според министерката новите предизвици ја наметнаа потребата од прекројување на државната каса. Според проекциите, економскиот раст во 2026 година ќе изнесува 3,5 проценти, додека инфлацијата годинава се очекува да достигне 4,5 проценти. Во такви услови, направени се корекции на приходната страна, но и зголемување на расходите.
-Како одговорна Влада должни сме да ги усогласиме буџетските проекции со реалните економски движења, истовремено обезбедувајќи средства за законските обврски, поддршка на граѓаните и продолжување на инвестицискиот циклус- изјави министерката.
Според неа вкупните приходи со ребалансот се ревидираат на 379,2 милијарди денари.
-Намалувањето на даночните приходи е резултат на пониската наплата од акцизи и корекциите кај ДДВ. Истовремено, неданочните приходи се зголемени благодарение на подобрата наплата на административните такси, концесиите и поефикасното користење на сопствените средства од страна на буџетските корисници- вели Кочоска.
На расходната страна, вкупните расходи се ревидираат на 425,2 милијарди денари. Министерката вели дека дополнителните средства се насочуваат кон јасно утврдени приоритети како земјоделски субвенции, поддршка на железничкиот сообраќај, спортот, како и подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард. Обезбедена е и дополнителна поддршка за најранливите категории граѓани.
Дополнително, капиталните инвестиции достигнуваат 46 милијарди денари, што е за 5,8 милијарди денари повеќе, односно за 14,5 проценти во однос на иницијалниот Буџет.
-За првпат растот на расходите е резултат на поголеми капитални инвестиции. Буџетскиот дефицит е проектиран на 4,1 проценти од БДП- вели министерката.. Според Димитриеска-Кочоска, станува збор за дефицит кој е насочен кон развој и реализација на капитални инвестиции што треба да придонесат за економски раст.


