Гаши на средбата со бугарската колешка Доцова: Градењето наративи со фокус кон минатото ги оптоварува односите меѓу Македонија и Бугарија
Претседателот на Собранието Африм Гаши, денеска, на маргините на 13. Пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ која се одржува во Софија, оствари билатерална средба со претседателката на Народното Собрание на Република Бугарија, Михаела Доцова.
Препорачано
Како што информираат од кабинетот на Гаши, на средбата, спикерот на македонскиот парламент ја потенцирал неопходноста за продолжување на дијалогот на парламентарно ниво, посебно имајќи ја предвид конструктивната улога на парламентарната дипломатија во зајакнувањето на довербата и разбирањето меѓу двете соседни земји.
„Во таа смисла, укажа дека двата парламенти може да обезбедат дополнителни канали на комуникација, преку парламентарните групи за пријателство и соработка, но и различните парламентарни комисии: за европски прашања, надворешни работи, економски прашања, енергетика и инфраструктура, регионален развој и локална самоуправа и образование и млади, притоа создавајќи практични и одржливи резултати“, се наведува во сооопштението од кабинетот на Гаши.
Гаши ја искажал и посветеноста на Македонија на добрососедските односи, европските вредности и регионалната стабилност при што констатирал дека моделот на градење наративи со фокусирање кон минатото и историјата се покажал како предизвик којшто ги оптоварува односите и несомнено треба да се разговара за други развојни теми.
Доцова од своја страна, како што информираат од Собранието, истакнала дека особено треба да се посвети поголемо значење на промовирање на дијалогот за активностите што влијаат на прекуграничната соработка меѓу двете соседни држави, инфраструктурата, трговијата, образованието и заштитата на животната средина.
„Двајцата соговорници се согласија дека во иднина треба да се стави поголем акцент на размената на парламентарната експертиза и споделувањето на бугарските искуства, како во врска со надзорот на законодавството, парламентарната транспарентност, така и поконкретно преку истражување на можностите за парламентарна поддршка и размена на искуства во врска со реформите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Се согласија дека треба да се поддржи забрзаната реализација на транспортните и енергетски проекти, коишто имаат споделено стратешко значење за двете држави, регионот, НАТО и ЕУ, со посебен акцент на Коридорот VIII. Двајцата претседатели се заложија во иднина да остваруваат почести средби со цел унапредување на парламентарната соработка, и размена на мислења и искуства во однос на европското искуство на Бугарија кон членство во Европската Унија“, се додава во соопштението од кабинетот на Гаши.
Претседателот на Европскиот совет денеска во Скопје на средба со Мицкоски


