ВИДЕО | Мостар прогласи вонредна состојба по пожарот на депонијата, чад го покрива градот
Властите во Мостар прогласија техничко-технолошка несреќа и вонредна состојба поради големиот пожар што избувна на градската депонија, пренесува Сараево тајмс.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Одлуката била донесена на заедничка вонредна седница на штабовите за Цивилна заштита на Мостар и на Херцеговско-неретванската жупанија, откако пожарот предизвика значителна материјална штета и сериозно загадување на воздухот.
Според противпожарната единица на Мостар, сите расположливи сили се распоредени на терен. Иако пожарот засега не се шири, од депонијата и денеска се издига густ чад.
Мостар утринава се разбудил обвиен во чад и силен мирис на изгорено, додека последните мерења покажуваат дека квалитетот на воздухот е на многу лошо ниво.
Пожарот избувна вчера околу 9 часот наутро и брзо се прошири, зафаќајќи магацински простории, постројки и работни машини за рециклирање.
Надлежните служби соопштија дека во гаснењето се вклучени противпожарни единици, цивилна заштита, медицински тимови, воздухопловни сили, Вооружените сили на Босна и Херцеговина и други служби за спасување.
Градоначалникот на Мостар, Марио Кордиќ, изјави дека пожарот предизвикал огромни штети на локалитетите Буѓевци и Уборак.
„Изгоре салата за рециклирање со целосните капацитети, оштетена е опремата на депонијата, а благодарение на пожарникарите административната зграда беше спасена“, изјави Кордиќ.
Тој додаде дека Владата на Босна и Херцеговина, премиерот Нермин Никшиќ и министерката за животна средина и туризам Насиха Поздер понудиле помош за градот.
Командантот на Штабот за цивилна заштита на Херцеговско-неретванскиот кантон, Адил Шута, оцени дека станува збор за еколошка катастрофа, чии целосни последици допрва ќе се согледуваат.
„Ги ставивме на располагање сите расположливи сили, побаравме помош од другите општини и ќе ги преземеме сите неопходни активности за да го спречиме понатамошното ширење на последиците и да овозможиме непречено функционирање на градот. Ова е исклучително тешка ситуација за Мостар и за целиот регион“, изјави Шута.
Надлежните служби продолжуваат со активностите за гаснење на пожарите, проценка на штетите и изнаоѓање алтернативни решенија за одлагање на комуналниот отпад.
Трагедија во БиХ: Маж ја убил сопругата со ловечка пушка, па се самоубил


