Минстерството за правда реагира: Неприфаќањето на aмандмани за законите за судско – обвинителската служба, не претставува игнорирање
Министерството за правда предводено од министерот Игор Филков, реагира на текстот на „Слободен печат“ и тврди дека неприфаќањето на амандманите за предлог – законите за судска и јавнообвинителска служба што ги поднесоа опозициските пратеници, не е игнорирање на засегнатите страни.
Препорачано
-Министерството за правда ги отфрла како невистинити, неточни и неосновани тврдењата изнесени во текстот објавен од „Слободен печат“ во врска со предложените измени на законите што ја регулираат судската и јавнообвинителската служба. Спротивно на наведеното во текстот, сите поднесени амандмани беа разгледани и соодветно образложени во текот на собраниската постапка. Неприфаќањето на одредени амандмани не претставува игнорирање на ставовите на засегнатите страни, туку е резултат на детални законски, финансиски и институционални анализи, како и усогласување со мислењата на надлежните институции и со важечката законска рамка, вклучително и Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор. Дополнително, идентични амандмани поднесени од различни политички субјекти беа разгледани и образложени согласно истите критериуми – се вели во реакцијата од Правда.
Оттаму тврдат дека со предложените законски решенија се очекува да се зајакнат капацитетите на правосудните институции и се создаваат предуслови за поефикасен, понезависен и поквалитетен правосуден систем, во интерес на граѓаните и владеењето на правото.
На денешната амандманска расправа во Собранието од десетици поднесени амандмани за предлог – законите за кои самите службеници тврдеа дека со нив ќе се казнат и замолчат вработените, а службите ќе се испразнат, прифатени беа само два амандмани.


