Интерпелацијата за Тошковски в среда пред пратениците
Интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски е на дневен ред на 106. пленарана седница закажана за в среда 24 јуни, додека во четврток на 25 јуни ќе се одржат редовните пратенички прашања до премиерот и министрите, посочи спикерот Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Тој додаде дека до крајот на месецот, на 26 или 29 јуни, ќе се одржи и уште една седница за закони поврзани со реформската агенда и продолженија на други седници.
Гаши најави и дека во текот на утрешниот ден се очекува до Собранието да пристигне и ребалансот на Буџетот за 2026 година, а собраниските рокови ќе почнат да течат. Пратениците според планот треба да одмараат од 1 до 31 август, но кога точно ќе одат на одмор ќе зависи од ребалансот на Буџетот.
Освен законите кои денеска се на Комисијата за политички систем за Предлог на закон за судска служба и Предлог на закон за јавнообвинителска служба, двата во второ читање и за кои се поднесени многу амандмани, дел од реформскиот пакет закони се и законот за користење на енергија од обновливи извори, Предлог-закон за високи раководители, како и закони предложени од пратеници – за електронски комуникации, дополнување на законот за угостителска дејност и измени на законот за договорен залог.
– Ако Владата достави нови закони поврзани со реформската агенда веднаш ќе свикаме седница, комисиска расправа и се што е потребно да се стигне до 30 јуни – рече Гаши.
Тој исто така информираше дека Европскиот парламент доставил барање до шесте земји од Западен Балкан за формирање на граѓански форум.
Ианку, интерпелација против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесоа пратениците на Левица поради, како што посочија, саботирање истраги, селективна правда, непрофесионално работење на полицијата и судир на интереси. Според Левица, состојбата во МВР дополнително се влошила, а институцијата наместо професионален сервис, станала „приватна партиска полиција”.
Ова е трета интерпелација за работата на Тошковски. Претходните интерпелации кои беа отфрлени, ги поднесоа Левица и ДУИ.


