Лекови апчиња во аптека / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Лекот против астма „фостер“ поскапе од 300 на 1.081 денар, откако ФЗОМ одобри генерички лек во Македонија

Пумпата за инхалирање „фостер“ која ја користат пациентите со астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) поскапе од 300 на 1.081 денар во македонските аптеки.

Новите цени ги објави Фондот за здравствено осигурување во четвртокот на 18 јуни. Запрашани зошто пациентите во аптека за „фостер“ плаќаат 1.081 денар наместо досегашните 300 од Фондот за „Слободен печат“ велат  дека формирањето и одобрувањето на цените на лековите е на Министерството за здравство иако самиот Фонд е одговорен за формирањето на референтните цени.

Но,  „фостер“ стана поскап за пациентите откако на пазарот на позитивната листа, влегол генерички лек „блоцета“ што според ФЗОМ е заменски за „фостер“ и за кој пациентите нема да треба да плаќаат доплата. Цената на оригинаторот „фостер“ скокна за пациентите, затоа што ФЗОМ го намали своето учество во покривањето на трошокот за овој лек – односно ја намали референтната цена. Во превод, остана поголема доплата за пациентот.

Од Фондот сметаат дека воведувањето на генерички лек за астма и ХОББ е финансиско олеснување за пациентите.

-Со ова осигурените лица добиваат дополнителна терапевтска опција на товар на Фондот, без доплата на разлика во цената, со што се обезбедува поголема достапност на терапијата и финансиско олеснување за пациентите. Вклучувањето на генерички лекови во здравствениот систем е практика што се применува во најразвиените европски здравствени системи и е во согласност со препораките на Светската здравствена организација, велат од Фондот за здравство за „Слободен печат“.

Но, има пациенти што сакаат да продолжат да го користат стариот лек „фостер“, што компанијата „Провиденс“ го има регистрирано и го увезува во Македонија од италијанскиот производител уште од 2009 година. Тие пациенти за „Слободен печат“ велат дека ќе ги искористат сите законски механизми за реакција.

Една пумпа „фостер“ има 120 дози, а некои покритични пациенти со астма и ХОББ примаат и по 8 дози дневно во почетните фази на нападите. За сите нив досега една доза „фостер“ чинеше 2,5 денари, а од четвртокот истата доза ги чини 10,6 денари.

Оттогаш пациентите турбулентно реагираат на социјалните мрежи објавувајќи фотографии од фискалните сметки со кои биле изненадени во аптеките и подготвуваат официјална претставка до ФЗОМ, до Агенцијата за лекови и до Министерството за здравство со која се бара да се врати старата цена на лекот.

Марија Зафирова, иницијатор на претставката, за „Слободен печат“ го оценува покачувањето на цената на „фостер“ како „нечовечно“ и најавува дека пациентите ќе ги искористат механизмите за реакција. Во нејзиното пишување се вклучиле и правници. И Зафирова и нејзината мајка се дијагностицирани со астма и таа стравува дека финансиското оптоварување од новиот ценовник, за луѓе што имаат приходи од само 20 илјади денари пензија ќе биде преголемо.

-Се работи за инхалаторен лек кoj на многу луѓе не им е избор, туку неопходност за нормално да дишат. Почнав со собирање податоци и информации од сите засегнати лица, во врска со цената на „фостер“ со цел подготовка на официјална претставка до надлежните институции. За само неколку часа ми пишаа повеќе од 30 луѓе кои сакаат да бидат вклучени со име и презиме во претставката. Почнав искрено, зашто мајка ми, со нејзината пензија, нема да има доволно да одвојува илјада денари за да дише, вели Зафирова во изјава за „Слободен печат“.

Во претставката која наскоро ќе биде доставена до ФЗОМ, МАЛМЕД и до Министерството за здравство таа и десетици други пациенти бараат да се утврди оправданоста за драстичното покачување на износот на доплатата што паѓа на товар на осигурениците за лекот „фостер“.

Наглото покачување на доплатата на лекот „фостер“ за пациентите со хронични респираторни заболувања, кои во голем дел се пензионери и социјално ранливи категории, создава директна економска бариера. Со ова се загрозува нивното со Устав гарантирано право на здравствена заштита и се крши член 2 од истиот закон, кој гарантира „квалитетна и континуирана здравствена заштита соодветна на поединечните потреби“, пишува во претставката.

Со неа се бара да се провери методологијата за пресметка на референтната цена. Референтната цена (износот што го покрива ФЗОМ) се одредува со споредбена анализа на големопродажните цени во референтните земји  Словенија, Хрватска, Бугарија и Србија.

Но, пресметката задолжително мора да го земе предвид и „коефициентот на паритет на куповна сила“ кој го одразува реалниот економски стандард во државата. Подносителот бара итна ревизија на пресметките за да се утврди дали при утврдувањето на цената на „фостер“ е земен предвид овој паритет и дали споредбената анализа со референтните земји е спроведена правилно, пишуваат подносителите.

Бараат и ФЗОМ писмено да го образложи процесот на донесување на предлог-одлуката за референтната цена на овој лек и да достави податоци дали биле земени предвид забелешките на носителите на одобренија за промет во фазата на јавна објава на предлог-цените.

ФЗОМ и Министерството за здравство итно да покренат постапка за заштита на корисниците на услуги согласно член 103 од ЗУП (Услуги од општ интерес), со цел да се обезбеди есенцијалниот лек „фостер“ по пристапна цена и во континуитет, преку соодветно усогласување на референтната цена или со активирање на механизмите за доплата/партиципација кои нема да одат на товар на граѓаните. Доколку во предвидениот рок не биде постапено по ова барање и не биде утврдена оправданоста за покачувањето на цената која директно го загрозува животот на пациентите, ќе бидеме принудени да поведеме постапка пред Народниот правобранител за повреда на правата на граѓаните од областа на здравствената заштита, како и да ги искористиме сите преостанати правни и институционални механизми, пишува во претставката што ќе биде доставена до ФЗОМ, МАЛМЕД и Министерството за здравство.

Фармацевтка што работи во аптека за „Слободен печат“ под услови на анонимност објасни дека аптеката нема ништо од поскапувањето на лекот.

-На крајот од месецот, наплатената партиципација што аптеката ја наплаќа од пациентите, се уплаќа на сметка на ФЗОМ, а остатокот од средствата  – доплатата и референтната цена што ФЗОМ ја плаќа на аптеката, одат на сметка на веледрогеријата. За аптеката останува маржата од 16 проценти. Работам во аптека и навистина сочувствувам со пациентите, ни рече таа.

Од ФЗОМ не ни одговорија на прашањето колку упати се реализирани во аптеките во мај 2026 година (минатиот месец) за лекот „фостер“. Но, неофицијално се работи за илјадници пумпи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот