Рангник пред натпреварот со Аргентина: Ако сакате да заработите, обложете се на победа на Австрија
Селекторот на Австрија, Ралф Рангник, испрати самоуверена и провокативна порака во пресрет на големото дерби против Аргентина во второто коло од групата Ј на Светското првенство.
Препорачано
Иако актуелниот светски шампион влегува како голем фаворит во натпреварот што вечерва ќе се игра во Арлингтон, искусниот германски стратег верува дека неговата селекција може да приреди изненадување.
„Играме против сите прогнози. Ако сакате да заработите многу пари, земете ги вашите животни заштеди и обложете се на победа на Австрија“, изјави Рангник, чија репрезентација со победа од 3:1 над Јордан го отвори мундијалскиот настап.
Аргентина, од друга страна, убедливо го совлада Алжир со 3:0 и ја продолжи одличната серија резултати. „Гаучосите“ имаат осум последователни победи и само еден примен гол во тој период, што дополнително ја потврдува нивната фаворитска улога.
Сепак, Рангник не се предава однапред и признава дека неговиот стручен штаб детално ја анализирал играта на светските шампиони.
„Во нашите анализи не пронајдовме многу слабости кај аргентинските ѕвезди. Ако воопшто пронајдовме“, искрено призна поранешниот тренер на Манчестер Јунајтед и РБ Лајпциг.
Натпреварот меѓу Австрија и Аргентина практично ќе го одлучи победникот на групата Ј, бидејќи двете селекции ги добија своите воведни натпревари и во дуелот влегуваат со максимални три бода.
Без оглед на фаворитската улога на Аргентина и присуството на Лионел Меси, Рангник е уверен дека неговите избраници имаат шанса да ја шокираат фудбалската јавност и да направат еден од најголемите подвизи на турнирот.
ВИДЕО | Нова сензација на Мундијалот: Зеленортски Острови освоија бод и против Уругвај


