Проблем за Нагелсман: Германија остана без важен фудбалер до крајот на Мундијалот
Лоши вести за германската репрезентација на Светското првенство. Според информациите на „Скај“, турнирот е завршен за Нико Шлотербек поради сериозна повреда на левиот скочен зглоб.
Препорачано
Централниот дефанзивец на Борусија Дортмунд се повредил на натпреварот против Брегот на Слоновата Коска, а дополнителните прегледи покажале дека станува збор за скинат лигамент. Поради тоа, Шлотербек ќе мора да паузира најмалку осум недели.
Ова претставува голем удар за селекторот Јулијан Нагелсман, бидејќи Шлотербек беше стандарден првотимец во првите два натпревари на Германија на Мундијалот и важен дел од неговите планови. Тој дури успеа и да се запише меѓу стрелците на мечот против Курасао.
На дуелот со Брегот на Слоновата Коска беше заменет на полувремето од Антонио Ридигер, кој најверојатно ќе ја преземе неговата улога и во продолжението од турнирот.
Иако Германскиот фудбалски сојуз сè уште официјално не ја потврди веста, германските медиуми тврдат дека тоа е само прашање на време. Германија последниот натпревар од групната фаза ќе го одигра на 25 јуни против Еквадор, а избраниците на Нагелсман веќе обезбедија место во нокаут-фазата на Светското првенство.


