Фото колаж „Слободен печат“
Фото колаж „Слободен печат“

Министерството за здравство чека производителот да го поевтини „фостер“ и не објаснува кој одлучи лекот да поскапи преку ноќ

Откако поскапе лекот „фостер“ што го користат пациентите со астма и други проблеми со дишењето, односно наместо 300 денари сега за нив чини 1081 денар во аптека, „Слободен печат“ се обрати до сите засегнати страни во обид да дознаеме што стои зад ваквата одлука која наиде на мноштво негативни реакции кај пациентите.

Од претставништвото за лекови „Провиденс“ кое во Македонија е носител на одобрението за ставање во промет за лекот „фостер“, за „Слободен печат“ во врска со промената на референтната цена на „фостер“ велат дека дошло до зголемување на партиципацијата (доплатата) за лекот во аптеките, односно до значително зголемување на цената за крајните корисници – нивните пациенти.

Свесни сме дека ова предизвика силни реакции во јавноста, како и вознемиреност и револт кај пациентите. Имено, вложуваме максимални напори, како преку директна комуникација со производителот, така и преку комуникација со Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, со цел изнаоѓање решение. Наш приоритет останува грижата за пациентите и обезбедувањето континуиран пристап до соодветна и оригинаторна терапија. Ви благодариме за разбирањето и поддршката и се надеваме на позитивен исход во интерес на сите засегнати страни, велат од „Провиденс“ за „Слободен печат“.

Инхалаторниот лек „фостер“ во Македонија пациентите го користат од 2009 година.

Тој стана поскап за пациентите откако на пазарот на позитивната листа, влегол генерички лек „блоцета“ што според Фондот за здравство е заменски за „фостер“ и за кој пациентите нема да треба да плаќаат доплата. Цената на оригинаторот „фостер“ скокна за пациентите, затоа што ФЗОМ го намали своето учество во покривањето на трошокот за овој лек – односно ја намали референтната цена. Во превод, остана поголема доплата за пациентот.

Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ истакнаа дека се прават напори цената да се нормализира.

Министерството за здравство стапи во контакт со компанијата која е носител на одобрението за ставање во промет на лекот „фостер“ и добиени се информации дека се прават напори со производителот, се со цел да се овозможи достапност и на овој оригинаторен лек без доплата за пациентите во иднина, велат од Министерството за здравство.

Оттаму останаа покуси за одговори на нашите прашања кои лица членуваат во Комисијата што одлучи референтната цена за „фостер“ да се намали, па сега пациентите да ја плаќаат повисоката партиципација.

Бидејќи за да се одреди референтна цена, се прават споредби со референтните држави Бугарија, Словенија, Хрватска и Србија, во Министерството за здравство прашавме колку пари е „фостер“ во секоја од овие држави, но не одговорија на ова прашање. Исто така не ни кажаа кога точно генеричкиот лек „блоцета“ поточно конкурентот на „фостер“ беше додаден на позитивната листа А и кој е негов производител.

Прашавме и дали се размислува за ревизија на одлуката, но и тоа наше прашање беше игнорирано од Министерството.

Неофицијално „Слободен печат“ дознава дека ќе има приговор до Комисијата поради покачувањето на цената на „фостер“.

Со последното усогласување на цената на овој лек што се надоместува како доплата од  пациентите, а е направено во месец јуни 2026 година, од страна на Фондот за здравство дадени се можности за избор на пациентите за овој лек од два производитела (генеричка и оригинаторна фармацевтска компанија), со поголема или помала доплата или избор на лек без доплата, велат од Министерството.

Како што вчера објави „Слободен печат“, има пациенти што сакаат да продолжат да го користат стариот лек „фостер“, што компанијата „Провиденс“ го има регистрирано и го увезува во Македонија од италијанскиот производител уште од 2009 година. Тие пациенти велат дека ќе ги искористат сите законски механизми за реакција и веќе со правници подготвуваат претставка до Фондот, до Министерството и до Агенцијата за лекови во која бараат да се ревидира одлуката и цената на лекот да се врати со старата доплата.

Неофицијално илјадници граѓани во земјава го користат лекот „фостер“. Тој се издава исклучиво со специјалистички извештај.

Лекот против астма „фостер“ поскапе од 300 на 1.081 денар, откако ФЗОМ одобри генерички лек во Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот