Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Претседателот на Европскиот совет денеска во Скопје на средба со Мицкоски

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта денеска попладне ќе престојува во посета на земјава, каде што ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски.

Од владината прес-служба информираат дека премиерот Мицкоски ќе оствари тет-а-тет средба со Кошта, по што ќе следи состанок помеѓу владината делегација и делегацијата предводена од претседателот на Европскиот совет. Мицкоски и Кошта потоа ќе одржат заедничка прес-конференција во Владата.

Претседателот на Европскиот совет од вчера е во посета на Западен Балкан, за да се сретне со лидерите од регионот и да биде копретседавач на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, Црна Гора на 5 јуни.

Претседателот Кошта ќе разговара за можностите и предизвиците околу проширувањето, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.

-Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална; исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време да се испорачуваат резултати – изјави Кошта пред посетата на регионот.

Во Скопје тој ќе допатува од Тирана, каде што ќе се сретне со тамошните лидери, а посетата ја започна вчера од Сараево.

Утре Кошта ќе се упати кон Приштина, додека в четврток тој ќе го посети Белград. Турнејата ќе ја заокружи со посета во Црна Гора.

На 5 јуни Кошта ќе биде копретседавач на самитот ЕУ-Западен Балкан, чија главна тема е „Заедничкиот просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот