„Нема да добијат ниту денар повеќе“: Мицкоски со остра порака до судиите и обвинителите
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата нема да одобри дополнителни средства за судството и обвинителството, оценувајќи дека судиите и обвинителите не ги заслужиле, сè додека не покажат подобри резултати во испораката на правда.
Препорачано
Коментирајќи го последниот извештај на Европската комисија за состојбите во правосудството, Мицкоски рече дека станува збор за редовен извештај кој содржи и позитивни оценки и критики.
-Од сите досегашни, ова е најдобар извештај за нас како држава. Не е идеален, има забелешки, но има и многу пофалби за проектите и политиките што се реализираат- изјави премиерот.
Тој најави дека и понатаму јавно ќе бара од судиите и обвинителите да испорачуваат правда, нагласувајќи дека граѓаните не се задоволни од функционирањето на правосудниот систем.
– Ќе продолжам да ги критикувам и јавно да барам резултати. Граѓаните сами гледаат дека нема задоволителна испорака на правда- рече Мицкоски.
Премиерот беше дециден дека нема да бидат прифатени барањата за зголемување на буџетот за правосудните институции, иако такви одредби се предвидени во законите.
-Пари повеќе нема да добијат. Не ги заслужиле. Очекуваме прво да испорачуваат правда, а не да бараат повеќе средства- порача Мицкоски.
Според него, независноста на правосудството не се обезбедува со поголем буџет, туку со професионална и одговорна работа. Тој додаде дека Владата веќе ги исполнила обврските поврзани со кадровската екипираност и институционалната самостојност, но нема да попушти под какви било притисоци за дополнително финансирање.


