Големи тензии имало ноќеска кога екипа на Институтот за јавно здравје собирала мостри од водата во Гостивар
Големи тензии имало ноќеска во Гостивар, кога екипа на Институтот за јавно здравје отишла да собере мостри од водата на неколку локации по наредба на јавен обвинител. Според информации на „Слободен печат“ од добро упатени извори, на вработените од ИЈЗ не им било дозволено да ги земат мострите од водата, на начин што се собрала поголема група на луѓе да ги спречува во вршењето на својата службена должност. Вработените биле испратени да постапуваат по налог на јавен обвинител. Мострите биле земени и ставени во машини во ИЈЗ Скопје дури во четири часот ноќеска, поради ова одолговлекување. Вознемирени вработени плачеле утринава во ИЈЗ по бурната ноќ на терен. Микробиолошкото вештачење на мострите од водата се очекува да биде готово за 48 часа, а физичко-хемиското до утре.
Препорачано
Откако болницата во Гостивар информираше дека 1.200 пациенти изминатите четири дена се јавиле на преглед поради повраќање, дијареја, болки во желудникот, од деца до возрасни луѓе, од МВР за „Слободен печат“ велат дека синоќа околу 18 часот и 20 минути инспектори по насока на јавен обвинител презеле активности во селото Вруток.
Активностите биле преземени поради сомневање за загадување на водата со која се снабдува градот Гостивар.
– Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот. Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик. Во расчистувањето на овој случај, покрај полицијата и обвинителството, веднаш се вклучија и Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран вештак кој треба да изврши стручна процена на незаконски поставениот систем“, велат од МВР за „Слободен печат“.


