Османи: Никогаш не би коалицирал со тие што ги поткопуваат правата на Албанците
Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, реагираше на обвинувањата од коалицијата Вреди, од каде што му замеруваат дека во 2021 година, како министер, на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, меѓу другото, разговарал и за унапредување на положбата на Србите во земјава.
Препорачано
Според Османи, од Вреди се обидуваат официјалните дипломатски средби да ги претстават како политички определби.
Во реакцијата, тој наведува дека е несериозно средбите што ги остварува министер за надворешни работи да се толкуваат како политичка определба, додека, како што тврди, коалицирањето со партии кои ја негираат независноста на Косово, геноцидот во Сребреница и го релативизираат Охридскиот рамковен договор се претставува како нормална политичка практика.
„Денес навистина мора да се очајни во Вреди, ако дошле до таму официјалните средби на еден министер за надворешни работи да ги претставуваат како политички определби, а секојдневното коалицирање со негирачи на независноста на Косово, негирачи на геноцидот во Сребреница и релативизатори на Охридскиот рамковен договор да го претставуваат како нормалност. Според оваа логика, требало да биде обвинет Албин Курти затоа што се среќава со Александар Вучиќ, Доналд Трамп затоа што се среќава со претседателот на Кина, или кој било министер за надворешни работи во светот затоа што се среќава со своите колеги од земји со кои има несогласувања“,вели Османи.
Османи истакнува дека дипломатските средби се уставна и законска обврска на министерот за надворешни работи, додека коалицирањето претставува политички избор и, според него, овие две работи не треба да се поистоветуваат.
Во реакцијата се наведува и дека соопштението на кое се повикува Вреди е официјално соопштение на Кабинетот на претседателот на Србија кое, според Османи, ги одразува ставовите на српската страна, а не на Република Северна Македонија.
Османи додава дека и денес би се сретнал со секој свој странски соговорник, без разлика на политичките разлики, бидејќи тоа е обврска на шефот на дипломатијата. Сепак, нагласува дека никогаш не би избрал да коалицира со политички субјекти кои, според него, ја негираат независноста на Косово, го релативизираат геноцидот во Сребреница или ги поткопуваат правата на Албанците.
„И денес повторно би се сретнал со секој свој соговорник, дури и кога не се согласувам со него, затоа што тоа е должност на министерот за надворешни работи. Но никогаш не би избрал да коалицирам со оние што ја негираат независноста на Косово, го релативизираат геноцидот во Сребреница или ги поткопуваат правата на Албанците.Тоа е разликата меѓу дипломатијата и политичкото потчинување. Токму таа разлика Вреди денес очајнички се обидува да ја сокрие“ оценува Османи.
Претходно Вреди објави дека ДУИ нема право да ја обвинува за наводна поврзаност со концептот на „српскиот свет“, повикувајќи се на официјално соопштение од Претседателството на Србија по средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи во 2021 година. Од Вреди наведуваат дека во соопштението, меѓу темите на разговор, било споменато и „унапредувањето на положбата на Србите во Северна Македонија“, оценувајќи дека тоа, според нив, ги побива обвинувањата што ДУИ во последните денови ги упатува кон коалицијата.
Во партиското соопштение се наведува дека ДУИ со денови изнесува неосновани обвинувања и се обидува да ја поврзе коалицијата со „српскиот свет“, но дека официјалните документи, според нив, покажуваат поинаква слика.
Од Вреди, исто така, оценуваат дека документот покажува оти за време на владеењето на ДУИ, албанското прашање не било меѓу нивните главни приоритети.


