Охридските издавачи на апартмани реагираат на фактурите на ЗАМП — треба да платат музички права во собите за туристи
Дел од граѓаните тврдат дека никогаш не биле контактирани од ЗАМП, додека други бараат дополнително објаснување за начинот на кој биле евидентирани и врз која законска основа е пресметан износот.
Сопственици на приватни апартмани во Охрид се револтирани поради фактурите од Здружението за заштита на авторските музички права (ЗАМП) кои ги добиле деновиве за плаќање на авторски надоместок за туристичката сезона 2025 година. Како што објави Охрид 1, се работи за периодот од 1 април до 30 септември, а фактурата изнесува 16.500 денари.
Препорачано
Надоместокот се однесува за користење музички дела во сместувачки капацитети преку радио, телевизија, интерна телевизија од затворен тип или друга телевизиска и кабелска мрежа. Според правилникот со тарифа, предвиден е месечен надоместок од пет бода по реализирано ноќевање, а доколку сопственикот не доставува месечен извештај за бројот на ноќевања, надоместокот се пресметува паушално според капацитетот на објектот. За апартмани до 25 гости тоа изнесува 500 бодови месечно. И ова е најевтината тарифа која се наплаќа околу 16.500 денари.

Информацијата предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, на кои охриѓани масовно објавуваат фотографии од добиените фактури. Тие изразуваат незадоволство и збунетост, наведувајќи дека не им е јасно врз основа на кои податоци се издадени фактурите, ниту како е утврдено дека имаат обврска да плаќаат ваков надомест и гласно коментираат дека власта треба да направи итни законски измени со кои ќе се спречи ова.
Дел од граѓаните тврдат дека никогаш не биле контактирани од ЗАМП, додека други бараат дополнително објаснување за начинот на кој биле евидентирани и врз која законска основа е пресметан износот.
Во јавноста веќе се отворија бројни прашања околу постапката, а граѓаните очекуваат официјално појаснување од ЗАМП за критериумите според кои се испратени фактурите, како и за тоа дали сите лица кои добиле вакви задолжувања навистина имаат законска обврска за нивно плаќање.
Во Охридското Езеро течат фекалии од разни објекти и од цели села, но безбедно е за капење, вели ИЈЗ


