Фото: МНР

Муцунски на министерски состанок во Вашингтон: Современите закани бараат координиран одговор и цврсти партнерства

Политички мотивираниот тероризам не смее да остане слепа точка во нашата заедничка безбедносна архитектура. Современите закани бараат координиран одговор, силни институции, цврсти партнерства и целосно почитување на владеењето на правото, објави на Фејсбук министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој на покана на државниот секретар на САД, Марко Рубио, во Вашингтон учествуваше на министерскиот состанок посветен на заканите од подемот на политичкиот тероризам.

На конференцијата, на која присуствуваа високи претставници од повеќе од 60 држави, како што информираат од МНР, било разговарано за зајакнување на меѓународната соработка и институционалната подготвеност за справување со современите форми на политички мотивираното насилство и тероризам.

Во своето обраќање, Муцунски истакнал дека кога насилството се користи за замолчување на политичкиот говор, заплашување избрани функционери и граѓани, напади врз органите на прогонот или влијание врз демократските процеси, тогаш повеќе не станува збор за вообичаено политичко несогласување, туку за организирано политичко насилство, а во неговите најтешки облици и за тероризам.

Тој нагласил дека слободните општества никогаш не смеат да се плашат од дебата бидејќи демократијата почива врз различноста на мислењата, но и дека политичкото насилство никогаш не смее да стане легитимен јазик на политичките промени.

Осврнувајќи се на регионалниот контекст, Муцунски посочил дека оваа закана има сериозна димензија и за Западен Балкан како стратешки чувствителен регион. Во таа насока, шефот на диломатијата ја нагласил потребата од подобро разбирање на каналите на радикализација, идентификување на финансиската и логистичката поддршка, како и утврдување дали надворешни актери ги злоупотребуваат домашните тензии за постигнување пошироки стратешки цели.

Министерот истакнал дека дигиталното опкружување суштински го промени овој предизвик бидејќи радикализацијата, пропагандата, регрутирањето и координацијата денес може да се одвиваат преку границите и во реално време. Затоа, нагласил тој, соработката мора соодветно да се приспособи преку зајакната размена на разузнавачки информации, поблиска координација меѓу органите на прогонот и продлабочена соработка во борбата против дигиталната радикализација и транснационалните мрежи за поддршка.

Како сојузник во НАТО и стратешки партнер на Соединетите Американски Држави, Муцунски нагласил дека Северна Македонија е подготвена да даде свој придонес во заедничките напори за справување со овие закани.

Поздравувајќи го лидерството и иницијативата на Соединетите Американски Држави за организирање на конференцијата, Муцунски истакнал дека новите закани бараат политичка јасност и координирано дејствување нагласувајќи дека во демократијата на идеите им се спротивставуваме со идеи, а политичкото насилство никогаш не смее да стане легитимен јазик на политичките промени.

На маргините на конференцијата министерот Муцунски оствари и работна средба со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саар. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка меѓу двете земји, а соговорниците ја потврдија заедничката подготвеност за нејзино натамошно продлабочување во периодот што следува, информираат од МНР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот