Во Охридското Езеро течат фекалии од разни објекти и цели села, но безбедно е за капење, вели ИЈЗ
Голем дел од хотелите и угостителските објекти, како и туристичките населби кои се сместени по должината на охридското крајбрежје, заедно со приватните куќи кај Сараиште, Канео, црквата Св. Софија, но и куќите долж целиот брег како и селските населби Трпејца, Љубаништа и Радожда, се потенцијални или директни загадувачи на Охридското Езеро, пишува во новиот извештај за проценката на квалитетот и безбедноста на површинските води за капење на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), кој го пренесува „Мета“.
Препорачано
На колекторскиот систем кој треба да ги пречистува водите на езерото, и натаму не се приклучени бројни објекти и цели населби, кои се загадувачи, се наведува во извештајот.
„Тоа се хотелско-угостителските објекти, како и туристичките населби кои се сместени по должината на Охридското крајбрежје од хотел Десарет до Св. Наум, хотелско – угостителските објекти и туристичките населби од Струга до с. Радожда. Единствено на овој потег приклучен на колекторскиот систем е хотелот „Макпетрол” преку колекторскиот систем од с. Радолишта, Хотел Бисер и с. Калишта. Потоа, приватните куќи сместени на брегот од Охридското Езеро од плажата Сараиште до црквата Св. Софија до приобалниот дел на населба Канео. Приватните куќи долж целиот брег како и селските населби: Трпејца, Љубаништа и Радожда за диспозиција на комуналните отпадни води користат септички јами чие празнење на места го врши јавната комунална служба. Во село Радожда, септичките јами од куќите или директно се празнат во езерото, или, бидејќи се наоѓаат на самиот брег од плажата, понираат во езерото и на тој начин се директни загадувачи“, пишува во извештајот, во кој се додава дека загадувачи се и шанковите поставени на плажите долж езерото.
Кај Св. Наум дробилка за фекалии има, но нема филтри ниту хлорирање на фекалните води
Како што информира ИЈЗ, загадувачи се и испустните цевки за собирање на атмосферски води кои се влеваат во езерото, во кои, како што е наведено, намерно или ненамерно се приклучени испусти за отпадни фекални води од страна на колективните станбени згради и приватни куќи. Потоа, како загадувачи на езерото се наведени и базени за капење во склоп на угостителските објекти или како Градски базен.
„Хотел „Св. Наум”, ресторан „Острово” и другите угостителски објекти во Свети Наум се приклучени на локален канализационен систем кој е изграден е 2013 година. Канализациониот систем на Свети Наум не функционира односно третманот на отпадните фекални води не е комплетен затоа што постои само дробилка за фекалиите, но не постојат филтри и не се врши хлорирање на отпадната фекална вода пред испуст во езерото, што претставува директен загадувач на езерото. Во автокамповите Љубаништа, Ливадишта и Градиште – принципот на работа на путекс-постројките се состои во механичко и хемиско пречистување (во автокамп Градиште) механичко, биолошко и хемиско пречистување (во камп Љубаништа), и во автокампот Ливадишта принципот на пречистување на отпадните води е механичко и биолошко. За да можат путекс-постројките правилно да функционираат потребно е редовно празнење на коморите на три, шест или најкасно на дванаесет месеци, како и нивно редовно механичко чистење, миење и дезинфекција“, наведено е во извештајот.
Сепак, водата во Охридското Езеро е безбедна за капење и најмногу од примероците покажале „одличен“ квалитет, велат од ИЈЗ.
„По извршените теренски увиди и добиените лабораториски анализи на примероците површинска вода од Охридското езеро, и стручното мислење водата од Охридското Езеро земена во период од 20.5.2026 година до 24.6.2026 година ги исполнува законските барања во однос на физичко–хемиската анализа и истата се класифицира во I класа“, пишува во извештајот.
„Ова е така освен во мерно место Грашница (плажа), од испуст на атмосферска вода, каде површинската вода е оценета во III класа. Во однос на микробиолошките параметри, во најголем дел од примероците површинска вода се класифицираат како „Одлична”, освен на мерните места хотел „Ројал“ (плажа), Лабино (плажа) и канал Студенчишта, каде површинската вода е класифицирана како „Добра”, додека на мерно место Грашница (плажа) – од испуст на атмосферска вода примерокот површинска вода не ги исполнува микробиолошките критериуми за квалитет на поединечен примерок за оцена „одлична“ ниту за оцена „добра““, додаваат од ИЈЗ.
Охрид да се стави на Листата на светско наследство во опасност — УНЕСКО со сериозно предупредување


