Мигранти / илустрација / Фото: EPA-EFE/ETIENNE LAURENT

Има сѐ помалку нелегални премини, време е ЕУ да ги укине внатрешните гранични контроли, оценува еврокомесарот Брунер

Еврокомесарот за миграција, Магнус Брунер, оцени дека, со оглед на намалениот број на нелегални миграции и усвојувањето на новиот европски закон за азил, дојде време постепено да се укинат внатрешните гранични контроли во Европската Унија, пренесува Анадолу.

Австриецот Брунер во интервју за неколку новински агенции во Брисел изјави дека надворешните граници на ЕУ сега се многу подобро заштитени и дека бројот на нелегални преминувања драстично е намален.

Според него, Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) регистрирала повеќе од една третина помалку нелегални преминувања преку надворешните граници на ЕУ во првата половина од оваа година, а на 12 јуни стапи во сила реформата на европските правила за азил (ГЕАС).

Брунер истакна дека има и напредок и како пример го наведе укинувањето на граничните контроли меѓу Германија и Луксембург, како и меѓу Австрија и Словенија. Сепак, на неколку гранични премини од Холандија до Германија, контролите се речиси постојани, што создава километри долги редици на холандската страна.

Германија привремено воведе контроли на сите свои граници од септември 2024 година. Министерот за внатрешни работи, Александар Добринт, постојано ја продолжуваше и дополнително ја заоструваше одлуката на неговиот претходник, Ненси Фезер, од мај минатата година. Сегашното продолжување на мерката важи до септември.

Покрај Германија и Австрија, Данска, Франција, Италија, Холандија, Норвешка, Словенија и Шведска, исто така, воведоа привремени гранични контроли во Шенген зоната.

Истовремено Брунер застана во одбрана на вториот механизам за заштита на границите на ЕУ, спорниот систем ЕЕС, што биометриски го следи влезот и излезот на сите патници кои не се државјани на ЕУ, Исланд, Норвешка, Лихтенштајн и Швајцарија.

„Имаше проблеми со системот ЕЕС на некои аеродроми, на пример во Грција или Португалија, но сепак системот како таков функционира многу, многу добро“, нагласи тој.

Поранешниот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц, исто така, побара укинување на контролите на германските граници, велејќи дека тие „не носат речиси ништо и во исто време го кршат основното европско право“,

Забележувајќи дека засега нема силна реакција од јавноста во Германија, Шулц изрази верување дека „кога многу луѓе сега одат на одмор, а потоа кога ќе се вратат во Германија се наоѓаат во редици, незадоволството ќе се зголеми“.

„Веќе сега, на некои места, чекањето е до час и половина“, рече поранешниот лидер на германските социјалдемократи (SPD).

За луѓето кои ја преминуваат границата секој ден, на пример за работа, и превозниците од зоните на гранична контрола се исто така финансиски товар, додаде Шулц.

„Тие стационарни контроли се чиста симболична политика“, рече Шулц, кој живее во пограничниот регион во близина на Ахен. Тој додаде дека не е против случајни проверки „какви што отсекогаш имало во граничната зона“, но е против трајни бидејќи тие и онака не даваат резултати бидејќи „шверцерите на луѓе и дрога едноставно избираат други патишта“.

Покрај тоа, трајните контролни пунктови јасно го кршат Шенгенскиот договор, кој гарантира слободно движење на луѓето, рече Шулц, нагласувајќи дека тоа е едно од најважните права во Европската Унија. Тој процени дека може да се очекува дека судовите на крајот ќе ги прекинат контролите.

ЕЕС не успеа да разликува идентични близнаци – проблеми со новиот граничен систем на Европската Унија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот