ФОТО+ВИДЕО | Прилепчанчето Димитар Иваноски, дете со оштетен вид: „Со мојата музика сакам да покажам дека упорноста е посилна од секоја препрека
Момчето со ангелски глас, 13-годишниот Димитар Иваноски од Прилеп, дете со оштетен вид, веќе ги ниже своите регионални успеси. Оваа македонска гордост неодамна се врати со прва награда од Бугарија, каде што учествуваше на престижниот меѓународен музички фестивал „Tryavna Music Cup 2026“ во конкуренција со над 400 изведувачи.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Иваноски настапи со песната „Као моја мати“ од Здравко Чолиќ во категорија „Евергрин“ (Evergreen), а со својот настап тој ги воодушеви жирито и публиката. Покрај признанието за освоеното прво место, младиот музичар доби и големи пофалби од организаторите, фестивалскиот директор и членовите на стручното жири за својот вокален квалитет, посветеност и сценски настап.
Димитар веќе шест години активно се занимава со музика, а паралелно посетува часови по соло пеење кај Денис Димоски. Во интервју за „Слободен печат“ зборува за љубовта кон музиката како негов двигател, ги открива своите планови за во иднина замислувајќи се како успешен македонски пејач, раскажува за емоциите додека е на сцената и отвора важна тема за лицата со попреченост.
На престижниот меѓународен музички фестивал „Tryavna Music Cup 2026“ во Бугарија освои прво место и уште еднаш докажа дека талентот нема граници. Што значи ова признание за тебе и како се почувствува кога го слушна своето име како победник?
-Секоја награда има своја тежина, ама најголема вредност имаат луѓето кои веруваат во мене, го следат мојот пат и искрено се радуваат на секој мој успех. Конкуренцијата беше голема, 400 натпреварувачи, кога ми доделија прво место бев возбуден, збунет и пресреќен😊.

Кога ја претставуваш Македонија надвор и се враќаш дома со награда, дали чувствуваш дополнителна гордост и одговорност?
-Секој настап и секоја награда ме прават горд и секогаш се трудам да бидам подобар.

Тој досега има учествувано на повеќе од десетина интернационални натпревари каде што има освоено три први места и неколку втори и трети места. Годинава беше единствениот претставник од Македонија на јубилејниот фестивал „Мајска песна“ во Ниш, еден од најстарите детски фестивали на овие простори, на кој настапи во живо со неговата последна авторска песна со камерен оркестар од 30 членови и детски хор од 50 членови. Освои прво место и на државниот натпревар како претставник на училиштето „Блаже Конески“.
Со оглед на твоето искуство на странски сцени, дали се гледаш себеси на големата сцена надвор ?
-Да, моја желба е да настапам на Детска евровизија и на некој голем концерт.
Сигурно си чул дека се враќаме на големата сцена на Евровизија. Кој пејач според тебе треба да нè претставува?
-Мислам дека имаме многу добри пејачи, а може на Евровизија да нè претставуваат Каролина Гочева, Влатко Лозаноски, Тина Русева.
Со која од нашите ѕвезди посакуваш дует?
-Мојата желба е да снимам дует со Тина Русева.

Пред две години во интервју за „Слободен печат“ отворено зборуваше за животот со оштетен вид и за личните предизвици што ти ги носи оваа состојба. Дали оттогаш се променија/подобрија условите за твоето функционирање?
-За жал, не можам да кажам дека условите значително се подобрија. Иако ми беше доделен образовен асистент, во пракса не ја добив поддршката што ми беше потребна за полесно да го следам наставниот процес. Затоа, заедно со моето семејство донесовме одлука да го продолжам образованието во ДСУРЦ „Димитар Влахов“ во Скопје, каде што учениците со оштетен вид добиваат соодветна стручна поддршка, адаптирани услови и можност целосно да го развијат својот потенцијал. Верувам дека ова е вистинскиот чекор за мојата иднина и планирам таму да ги завршам и основното и средното образование.
Што би сакал институциите и општеството подобро да разберат кога станува збор за децата со попреченост и нивните можности?
-Би сакал институциите и општеството да разберат дека децата со попреченост не бараат сожалување, туку еднакви можности. Кога ќе ни се обезбедат соодветни услови, пристапно образование и вистинска поддршка, можеме да покажеме што знаеме и што можеме. Најважно е да не се гледаат нашите ограничувања, туку нашите способности, таленти и желба за успех. Не ни треба сожалување – ни треба шанса.

Каде се гледаш себеси за десет години? Што сонуваш да станеш, дали ќе ѝ се посветиш комплетно на музиката или имаш амбиции за други полиња во животот?
-Јас во иднина се гледам како успешен пеjач и планирам комплетно да се посветам на музиката.
Ќе ни раскажеш ли од каде желбата да станеш пејач? И дали твојот талент е наследен?
-Јас од мал пеам и имам желба, а мислам дека е тоа наследено од мојот татко.
Имаш две авторски песни и веќе градиш свој музички идентитет. Што сакаш да пренесеш преку твојата музика?
-Сакам мојата музика да биде доказ дека талентот, упорноста и љубовта кон тоа што го правиш се посилни од секоја пречка. Преку песните сакам да пренесам позитивна енергија, искрени емоции и порака дека секој човек вреди и може да ги оствари своите соништа ако не се откаже.
Дали те препознаваат на улица? Како прилепчани реагираат на твојот успех?
-Да, понекогаш луѓето ме препознаваат и ми приоѓаат да ми честитаат или да се фотографираме. Тоа секогаш ме радува и ми дава дополнителна мотивација.

Кои се твоите следни музички цели? Дали сè уште размислуваш за диџејството?
-Мојата најголема цел е да продолжам да учам, да се усовршувам и да создавам нова музика. Би сакал да снимам уште авторски песни, да настапувам на големи сцени и да ја претставувам Македонија на меѓународни фестивали. Диџејството сѐ уште ми е интересно и не се откажувам од таа идеја, но во моментов музиката и пеењето се мојот главен фокус. Верувам дека со труд и посветеност можам да напредувам во повеќе области што ги сакам.





