Фото: Инстаграм/Боби Андонов

ВИДЕО | Боби Андонов повторно пее на македонски – новата песна „Момент“ е инспирирана од неговата сопруга

Пејачот Боби Андонов се враќа на македонската музичка сцена со новата песна „Момент“, негово прво музичко издание на македонски јазик по повеќегодишната кариера во Лос Анџелес.

Песната е инспирирана од неговата сопруга и од моментот кога првпат ја запознал.

„Од тој момент знаев дека таа е љубовта на мојот живот, сè за што сум сонувал. Песната е за тоа чувство кога знаеш дека си ја нашол личноста што те прави целосен“, вели Андонов.

Текстот е напишан во соработка со Магдалена Цветкоска, која, како што раскажува пејачот, веднаш ја препознала емоцијата и идејата што сакал да ја пренесе откако го слушнала првичното демо.

Продукцијата и аранжманот ги потпишуваат Боби Андонов и продуцентот Дони Браво, добитник на престижната музичка награда Греми, кој во својата кариера соработувал со Бени Бланко, „Дискложр“ и Крис Браун.

Фото: Инстаграм/Боби Андонов

Македонската публика Андонов го памети уште од неговите детски музички почетоци, песната „Прати ми СМС“ и настапот на детската Евровизија. Дел од неговата музичка биографија е и настапот со Тоше Проески на концерт во Мелбурн, кога како тринаесетгодишно момче застана на сцената со македонската музичка ѕвезда.

По години работа во Соединетите Американски Држави, каде што создава и соработува со светски музички професионалци, Андонов најавува дека „Момент“ е само почеток на нов циклус во неговата кариера. Во план е да објавува музика и на македонски и на англиски јазик, а не ја исклучува можноста во иднина со Магдалена Цветкоска да работи и на македонски албум.

Тој најавува и почесто присуство во Македонија, како и повеќе настапи пред домашната публика.

„На сите што ме следат и ме поддржуваат уште од ‘Прати ми СМС’ – ви благодарам! Конечно го добив тој СМС, од љубовта на мојот живот, и од него се роди мојата нова песна ‘Момент’. Ви благодарам од срце. Се надевам дека ќе уживате!“, порача Андонов.

Интервју со Боби Андонов, пејач: Македонија ми е во крвта и сакам повторно да ја претставувам на Евровизија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот