Голема промена за возачите во ЕУ — секој нов автомобил отсега ќе има камера што ја следи будноста на возачот
Купувањето нов автомобил во Европската Унија отсега подразбира и нова генерација задолжителни безбедносни системи. Една од најзначајните новини е системот што ја следи внимателноста на возачот и предупредува кога ќе процени дека погледот предолго не е насочен кон патот, пишува „Нова“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Од 7 јули, сите нови патнички автомобили и лесни комерцијални возила што првпат се регистрираат во земјите-членки на Европската Унија мора да ги исполнуваат новите безбедносни стандарди. Меѓу нив е и Напредниот систем за предупредување при одвлекување на вниманието на возачот, чија цел е да помогне во спречување на сообраќајни несреќи предизвикани од невнимание.
Системот користи инфрацрвена камера поставена во кабината на возилото, најчесто зад управувачот или во близина на внатрешниот ретровизор. Таа ги следи положбата на главата, насоката на погледот и други показатели што откриваат дали возачот е фокусиран на патот. Ако забележи дека неколку секунди гледа во мобилен телефон, екранот на мултимедијалниот систем или на друго место наместо кон сообраќајот, автомобилот испраќа звучно или визуелно предупредување.
Иако камерата предизвика бројни дебати, европските правила предвидуваат дека таа не снима и не зачувува видеозаписи. Податоците се обработуваат исклучиво во реално време и остануваат во самиот систем на возилото, без да се користат за идентификација на возачот или за надворешно складирање.
Новите правила не се ограничуваат само на овој систем. Сите новорегистрирани автомобили во Европската Унија отсега мора да имаат и понапредни системи за автоматско сопирање што подобро препознаваат пешаци и велосипедисти, подобрена прегледност од возилото, проширена заштита за пешаците при судир и нови стандарди за безбедноста на пневматиците.
Овие барања важат само за возилата што првпат се регистрираат по стапувањето на сила на прописите. Тоа значи дека сопствениците на веќе регистрирани автомобили нема да имаат обврска дополнително да ги вградуваат овие системи или да ги заменуваат своите возила.
Европската комисија очекува новите технологии значително да придонесат за намалување на бројот на сообраќајни несреќи, особено оние предизвикани од користење мобилен телефон, замор или губење концентрација зад воланот. Мерките се дел од стратегијата за приближување до нула жртви во сообраќајот до 2050 година.
Ако „меркате“ кинески автомобили, треба да ја знаете и вистината за дефектите


