Автокамповите добиваат нов газда, но не и нов лик, стари капацитети без инвестиции
Во Македонија официјално функционираат околу десетина автокампови, од кои најголемиот дел се приватни. Најпознати се автокамповите на охридското езеро како и неколку помали кампови во Дојран, Маврово, Берово…
Министерството за култура и туризам ќе стане единствената институција задолжена за основањето, категоризацијата, надзорот и развојот на автокамповите во Македонија, предвидуваат измените на Законот за автокампови што Владата ги достави во Собранието. Иако најголемиот дел од измените се однесуваат на пренос на надлежностите од укинатата Агенција за промоција и поддршка на туризмот, тие повторно ја отвораат темата за состојбата на кампинг-туризмот во земјава, сектор што со години останува недоволно развиен и покрај големиот потенцијал.
Препорачано
Во Македонија официјално функционираат околу десетина автокампови, од кои најголемиот дел се приватни. Најпознати се автокамповите на бреговите на Охридско и на Преспанско Езеро, како и неколку помали кампови во Дојран, Маврово, Берово и во источниот дел на државата. Дел од нив се категоризирани според важечкиот Закон за автокампови, додека други работат како помали приватни кампови или кампинг-зони во рамките на туристички комплекси.
Според туристичките работници, повеќе од 90 проценти од активните автокампови се во приватна сопственост. Љупчо Јаневски, еден од претходните директори на Агенцијата за промоција на туризмот што повеќе не постои, вели дека потенцијалите на автокамперството во Македонија се познати по нефункционалноста и неусогласеноста на Законот за автокампови и Законот за градежно земјиште, кои не дозволија во практика да заживее оваа многу значајна понуда во туристичката индустрија.
– Во моментот имаме неколку автокампови што заслужуваат внимание со нивната позитивна работа и голем број што сè уште преставуваат негативна слика во Охрид, Преспа и Дојран, каде што имаме сè освен тоа што е потребно. Место да генерираме дополнителни милион ноќевања, поради слабиот административен капацитет на општините и на министерството како и немањето институција за имплементирање сме таму каде што сме. Потребни се инвестиции и професионализам за да можеме да одиме напред – вели Јаневски.
Се усогласуваат закони, ништо не се менува
Предлог-законот што е во собраниска процедура главно не воведува нови правила за работа на автокамповите, туку ја усогласува законската рамка со реформите во државната администрација. Со укинувањето на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, сите нејзини надлежности преминуваат во Министерството за култура и туризам. Тоа значи дека Министерството отсега ќе ги води постапките за основање автокампови на државно и приватно земјиште, ќе организира јавно наддавање за продажба на државното земјиште наменето за автокампови, ќе одлучува за категоризацијата, ќе го води регистарот на категоризираните автокампови и ќе врши надзор над примената на законот.
Со измените се предвидува и привремените автокампови повеќе да не подложат на редовната постапка за категоризација. Тие ќе можат да се организираат врз основа на одлука на советот на општината или на Советот на Град Скопје, со што ќе се утврдат организаторот, времетраењето и минималните технички услови. Уште една измена се однесува на финансискиот дел. Средствата што ќе се наплатуваат од договорни казни, како и приходите од продажбата на државното градежно земјиште за автокампови, повеќе нема да бидат приход на укинатата агенција, туку директно ќе се уплаќаат во Буџетот на Република Македонија.
Иако Македонија располага со езера, планини и национални паркови што се погодни за кампинг-туризам, голем дел од автокамповите се изградени пред неколку децении и денес имаат потреба од сериозна реконструкција. Најголемиот број кампови работат сезонски, најчесто од мај до септември, а нивната исполнетост зависи од странските туристи што патуваат со кампери, приколки и шатори.
Туристичките работници оценуваат дека токму кампинг-туризмот е еден од најбрзорастечките сегменти во Европа, особено по пандемијата, кога голем број туристи почнаа да бараат одмор во природа наместо во големи хотелски комплекси.
Сепак, македонските кампови сè уште заостануваат зад понудата во соседните земји како Хрватска, Словенија или Грција, каде што модерните автокампови располагаат со базени, спортски терени, ресторани, велнес-зони, детски паркови и дигитални услуги за резервација. Кај нас дел од камповите располагаат со обновени санитарни јазли, приклучоци за електрична енергија и вода, интернет и места за кампери, но понудата сè уште е нерамномерна.
Потенцијал што допрва треба да се искористи
Според туристичките организации, Македонија има услови да развива кампинг-туризам покрај Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро, во Националниот парк „Маврово“, во Националниот парк „Галичица“, на Пелистер, Осоговските Планини, крај Беровско Езеро и во должина на велосипедските и планинарските маршрути. Дополнителна предност е што низ државата минуваат неколку меѓународни туристички коридори по кои секоја година патуваат илјадници туристи со кампери.
Туристичкиот сектор со години бара поголеми инвестиции во модерни кампови, подобра патна сигнализација, повеќе паркинг-простор за кампери и поедноставени административни постапки за отворање нови кампинг-зони. Според предлагачот на законот, целта е да се обезбеди непречено функционирање на системот по укинувањето на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, да се зачува правната сигурност за започнатите постапки и да се усогласи Законот за автокампови со новата организација на државната управа.
Иако измените се претежно административни, тие повторно го актуализираат прашањето дали Македонија ќе успее да го искористи потенцијалот на кампинг-туризмот. Со ограничен број модерни автокампови и недоволни инвестиции, земјата засега останува далеку зад европските трендови, иако располага со природни ресурси кои можат да ја направат привлечна дестинација за туристите што патуваат со кампери и приколки.
Колку чини кампување?
Цените за престој зависат од сезоната, локацијата и видот на сместување. Во најголем дел од македонските автокампови место за шатор чини меѓу 8 и 15 евра дневно, а место за кампер или камп-приколка се движи од 15 до 30 евра. Престој за две лица со камп-приколка и автомобил во екот на сезоната најчесто изнесува 25 до 40 евра дневно, а користење електричен приклучок обично се наплатува дополнително, од 3 до 6 евра дневно.
Во дел од камповите се наплаќаат посебно и паркинг, домашни миленици, користење пералница или дополнителни туристички услуги. Во споредба со камповите во Хрватска или во Грција, цените во Македонија се пониски, но и нивото на инфраструктура и дополнителни содржини е значително поскромно.
Македонски кампови: наместо милион ноќевања едвај двоцифрени бројки


