Николоски: Брзата пруга блиску до реализација, јавни презентации во август
Подготовките за изградба на брзата пруга на Коридорот 10 се одвиваат според предвидената динамика, а почетокот на градежните работи е планиран за крајот на годинава, информира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој посочи дека се завршени еколошката студија и студијата за влијание врз социјалната средина, а на почетокот на август ќе бидат организирани јавни презентации за граѓаните.
Препорачано
-Ќе има најмалку четири јавни презентации – во Скопје, Велес, Демир Капија и Гевгелија, каде што локалното население ќе може да се запознае со проектот и со изработените студии – изјави Николоски.
Според него, станува збор за обемен документ од околу 1.600 страници кој ги опфаќа сите аспекти поврзани со проектот. По јавните презентации ќе следува разгледување на забелешките од граѓаните и ревизија на документите. До 31 август треба да заврши оваа фаза, по што ќе започне подготовката на конкретните договори за финансирање и за изведба на проектот. Во однос на моделот и условите за финансирање, Николоски нагласи дека тие ќе бидат јавно презентирани пред Собранието, согласно домашните законски процедури.
-Сè се одвива според планот. По завршувањето на процедурите ќе следува конкретизација на договорите и реализација на проектот – рече министерот.
Проектот за модернизација на железничкиот Коридор 10 треба да овозможи пократко време на патување и подобра поврзаност на земјата со европската железничка мрежа.


