Нови 10 жаришта на сипаници кај овци и кози, АХВ уверува дека нема опасност за луѓето
Во Македонија се потврдени 10 нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози, со што вкупниот број на регистрирани жаришта од почетокот на годината достигна 17, со повеќе од 2.700 приемчиви животни. Според Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), новите случаи се регистрирани во Саса (Македонска Каменица), Соколарци (Чешиново–Облешево), Бигла и Косевица (Делчево), Малино (Свети Николе), Сопот (Куманово), како и во селото Цера.
Од институцијата нагласуваат дека болеста не претставува опасност за луѓето, но предизвикува сериозни последици врз сточарството.
Препорачано
-Болеста сипаници кај овци и кози не се пренесува на луѓето. Сите мерки што се преземаат имаат цел да се спречи понатамошното ширење на заразата и да се заштити сточниот фонд- информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Досега се депопулирани (усмртени) повеќе од 1.400 животни, а постапката продолжува и во новопотврдените жаришта веднаш по обезбедувањето соодветни локации за нивно нештетно отстранување. Во текот на вчерашниот ден беше спроведена депопулација и на заразеното одгледувалиште во селото Сопот, Куманово.
АХВ воведе низа заштитни мерки за спречување на ширењето на болеста. Забрането е движење и транспорт на овци и кози во заштитните зони, освен во строго контролирани случаи за колење во одобрени кланици. Воедно, на целата територија на државата е забранета работа на добиточните пазари за овци и кози, како и организирање изложби и други собири на овие животни.
-Сопствениците се должни секој сомнеж за заболување или угинување на животни да го пријават во рок од 24 часа до надлежното ветеринарно друштво или официјалниот ветеринар- апелираат од АХВ.
Одгледувачите се задолжени да применуваат строги биосигурносни мерки – ограничување на движењето на лица и возила, задолжителна дезинфекција, користење заштитна опрема и водење евиденција за сите влегувања и излегувања од фармите.
Агенцијата појаснува дека суровото млеко и производите од овчо и козјо млеко од заштитните зони може да се пуштат во промет само по соодветен термички третман (пастеризација).
Во меѓувреме, експертска група на АХВ ја анализира актуелната состојба и можноста за евентуална вакцинација како дополнителна мерка во борбата против болеста.
– Континуирано ја следиме епидемиолошката состојба и ги разгледуваме сите можности за поефикасно справување со болеста, вклучително и евентуална примена на вакцинација- соопштуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Според официјалните податоци, првото жариште годинава беше потврдено на крајот на јануари во селото Лопате, а од тогаш болеста се прошири во повеќе општини во источниот и североисточниот дел од државата. Агенцијата повторно апелира до сточарите строго да ги почитуваат сите пропишани мерки за да се спречи понатамошно ширење на заразата.
Јагнешкото пред Велигден 750 денари, ќе јадеме ли само дроб-сарма и прасечко?


