Месо ,Месара - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Месо ,Месара - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Јагнешкото пред Велигден 750 денари, ќе јадеме ли само дроб-сарма и прасечко?

Сточарите тријат раце и велат дека откупот оди добро, а откупната цена од 250 до 280 денари за килограм е задоволителна иако не им ги покрива трошоците

Килограм јагнешко 750 денари. Ако купите бут мора да земете и половина глава, а за плешка ќе ви дадат половина џигер. Во пресрет на велигденските празници, цената на јагнешкото месо се вивна во „облаци“. Кошулка за дроб-сарма се наоѓа за 240 денари, а јагнешки глави наместо 80 денари колку што чинеа лани се продаваат по 100 и 110 денари. Прасечко пак може да се најде и за 380 денари килограм. Граѓаните велат дека ако не се намалат цените, годинава ќе имаат „посна“ трпеза без јагнешко. Сточарите пак тријат раце. Велат дека откупот оди добро и дека откупната цена од 250 до 280 денари за килограм е задоволителна иако не им ги покрива трошоците.

Месарите не се многу загрижени за тоа дали оваа цена е скапа, бидејќи до празникот килограм јагнешко може да стаса и до 800 денари. Иако не е според закон, тие не се откажуваат и од врзаната трговија што значи дека со половина јагне оди пола глава или дропчиња.

-Јагнешко има, може да се обезбедат јагниња со помала тежина кои се бараат од страна на купувачите, но понудата е помала за разлика од лани. Има и понуда на цели јагниња, но може да се купи и бут, плешка, ребра и џигер. Главчињата посебно се продаваат по речиси 6 пати поевтина цена од еден килограм јагнешко месо. Прасечкото е околу 400 денари за килограм, тука се движи и цената на свинското месо. Има избор за сите-велат во една месарница во Аеродром.

Од Организацијата на потрошувачи се јасни дека врзаната продажба на јагнешко месо со глава или џигер е уцена и се одвива надвор од законската трговска пракса.

– Законот за заштита на потрошувачите е дециден дека такво нешто не е дозволено. Во членот 6 од делот што ги покрива условите за продажба на производите и давање услуги, се забранува условување на купување едни производи со купување други производи или друг начин на условување на купување и продажба на производи. И тука нема дискусија. Сепак, граѓаните го трпат и го толерираат овој начин на продажба -изјавија неодамна од таму.

Месо ,Месара - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Месо ,Месара – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Печено прасечко и јагнешко онлајн

На социјалните мрежи веќе може да се најдат огласи со достава на печено јагнешко и прасечко со достава до дома. Се нуди цело јагне, цело прасе, бут, плешка, но и јагнешки и прасечки бајадери. Цело прасе со килажа од 16-22 килограми се нуди по 380 денари за килограм плус 50 денари од килограм за печење. Роловано прасе со килажа од 7-10 кг е 650 денари за килограм свежо месо и плус 50 денари од килограм за печење. Може да се купи и прасечко бутче со и без коска, прасечки бајадери кои одат на килограм. Тие чинат 1.600 денари за килограм и има од 25-30 парчиња. Килограм јагнешко пак е 700 денари за килограм свежо месо плус сума за печење.

Извозот повторно доминира

Како и претходните години, најголем дел од македонското јагне завршува во странство. Откупот пак на јагниња се одвива одлично. Иако цената е повисока во однос на претходните години, сточарите сметаат дека сè уште не ги покрива реалните трошоци. Јагнешкото месо останува еден од најзначајните извозни аграрни производи на Македонија, особено пред велигденските празници, кога побарувачката на странските пазари е најголема. Со години наназад ова месо што традиционално се одгледува во земјава носи значителен девизен прилив и ги поврзува македонските сточари со купувачи низ цела Европа.

Месо ,Месара - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Месо ,Месара – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Македонија лани во првите месеци од годината извезла приближно 1.300 тони јагнешко месо во странство што резултирало со извозен приход од околу 11,2 милиони евра од јануари до април 2025 година. Традиционалните пазари каде што македонското јагне најчесто завршува се Хрватска, најголем извоз со околу 3,8 милиони евра, Бугарија околу 3,2 милиони евра, Италија околу 2,2 милиони евра, Србија 895 илјади евра, Албанија околу 793 илјади евра и Грција околу 218 илјади евра. Овие податоци покажуваат дека најголем дел од извозот се пласира во соседните земји и во поширокиот регион на Европската Унија, каде јагнешкото традиционално се бара за празничните трпези. Иако во минатото Македонија извезувала и поголеми количини (некогаш околу 2.000 – 2.700 тони годишно со приход од над 15 милиони евра), во последните години се забележува одреден пад на количините и вредноста на извозот, особено споредено со периоди од 2021 – 2023 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот