Ин витро / Илустрација „Слободен печат“ Елисавета Бејкова
Ин витро / Илустрација „Слободен печат“ Елисавета Бејкова

На ГАК ниедно успешно ин витро со години

Кога во март годинава нашата соговорничка се упатила на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК), каде сакала да го искористи ваучерот за ин витро што го добила преку Фондот за здравствено осигурување, таму ја дочекал чуден одговор – „не правиме ин витро“. Овој одговор ѝ бил нелогичен, затоа што првата здравствена установа што е наведена на ваучерот за ин витро како клиника каде што тој може да се искористи, е токму ГАК.

Како е возможно Клиника која на пациентките им кажува дека не нуди ин витро и барем шест години нема ниту еден успешен обид што би резултирал со бременост на ваков начин, да има склучено договор со Фондот баш за оваа здравствена услуга? Кои се причините што приватни здравствени установи инкасираат пари од Фондот, а најголемото родилиште не испорачува резултати во поглед на ин витро? Зошто во 2000 година на ГАК можело да биде родено првото ин витро бебе, а 26 години подоцна не може?

Нашата соговорничка бидејќи била одбиена на ГАК, ин витрото морала да го направи во една од другите приватни здравствени установи со кои Фондот има склучено договор. Но, таму, како што тврди таа – платила и услуги што на ГАК не би ѝ биле наплатени – на пример, фоликуметрија 50 евра. Со ваучерот ѝ биле покриени три крвни слики додека примала хормонска терапија, а нејзе докторот ѝ направил пет, од кои двете морала да ги доплати од џеб. Крвната слика што на ГАК би била 300 денари, за нашата соговорничка била 2.000 денари. Јавна тајна е дека некои доктори бараат ПАП-тестот да биде направен исклучиво кај нив, пред да се почне со ин витрото.

Додека ГАК никако да почне со ин витро, грчки клиники за асистирана репродукција до пред шест месеци ги запоседнуваа скопските хотели, каде на работ на законот регрутираа пациентки да го направат ин витрото во Грција, со помош на македонски посредници.

Кога „Слободен печат“ го објави она што професионалците во оваа сфера многу добро го знаеја и претходно – дека грчките доктори што ги правеа овие консултации немаа лиценца за таа дејност од Лекарската комора –  настаните и резервираните хотелски сали, одеднаш почнаа да се откажуваат и консултациите се префрлија онлајн, најверојатно поради дојава. Оттука се поставува логичното прашање – кому му одговара жените наместо во државното здравство, да прават ин витро во Грција и дали за тоа постојат дебели провизии и кој ги зема?

Истражување на „Слободен печат“: Грчки ин витро клиники регрутираат пациентки во скопски хотели, на работ на законот

ФЗОМ: Имаме договор со ГАК, зашто и Министерството за здравство им даде дозвола

 

Моменталниот договор за пружање и плаќање здравствени услуги за биомедицински потпомогнато оплодување склучен меѓу ФЗОМ и ГАК важи од 1 јануари 2024 до крајот на 2028 година.

Клиниката е опфатена со договорот и за оваа услуга затоа што располага со важечко решение за вршење на оваа здравствена дејност, издадено од Министерството за здравство. Според информациите доставени до Фондот од страна на ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, во моментов се спроведуваат активности за реконструкција и опремување на Одделението за биомедицински потпомогнато оплодување, по чиј завршеток ќе започне и изведувањето на постапките за БПО во рамки на Клиниката, одговорија од ФЗОМ за „Слободен печат“ запрашани зошто ГАК е наведена како прва установа каде жените може да ги користат шесте ваучери што им ги обезбедува Фондот.

Но, решението за една установа да може да врши ин витро, се дава само тогаш кога постојат услови за вршење на соодветната дејност – простор, опрема и кадар. А токму ова, според одговорите што ги добивме од ГАК, е проблемот.

ИВФ-лабораторијата (ембриолошка лабораторија) е просторот каде што се одвива најважниот дел од процесот на ин витро оплодување – оплодувањето на јајце-клетките со сперматозоиди и одгледувањето на ембрионите надвор од телото на мајката. Овие лаборатории се строго контролирани средини кои работат според високи интернационални стандарди.

Оваа лабораторија на ГАК од декември 2025 година не работи за ИВФ-процедури, а работи за криопрезервација на гамети и ембриони. Како е возможно да работи делот за криопрезервација на гамети и ембриони ако не работи ин витро-лабораторијата?

Според одговорите што „Слободен печат“ ги доби од ГАК, констатирано било дека дел од опремата е стара и неусогласена со новите современи текови  поврзани со работата на ембриолошката служба, а претходно изведените градежни решенија исто така биле несоодветни.

Така во 2025 година Фондот за здравство ѝ дал 90 илјади евра на ГАК да купи лабораториска опрема и да продолжи да работи лабораторијата за ИВФ и андрологија (спермограм и инсеминација).

Со оглед на потребата од поголема финансиска поддршка, преку Министерството за здравство до Владата е поднесено барање за градежна реконструкција и набавка на нова опрема со што целосно би се подобрил процесот на изведба на БПО постапката. За истото е добиена позитивна одука од Владата во јуни 2025 година и се одобрени средства во висина од 400 илјади евра за градежна реконструкција на лабораторијата и набавка на нова опрема, и истото со Одлука на Влада од месец јануари 2026год е повторно одобрено со новиот буџет на Министерството за здравство, велат од ГАК за „Слободен печат“.

Други наши извори велат дека една андролошка лабораторија за спермограми и подготовка за инсеминација не чини повеќе од 30 илјади евра – потребни се ламинар, два микроскопа и еден CО2 инкубатор а дека ИВФ лабораторија на ново од топ-брендови чини 200 илјади евра.

Лабораторијата на ГАК за ИВФ почнала да набавува и јајце клетки и сперматозоиди како криопрезервација на добиените ембриони од ИВФ процедурите кои се користат за последователен ембриотрансфер во лекувањето.

„Со почетоците на процедурите за реконструкција на одделот не се изведуваат ИФВ-процедури, но сè уште функционира делот поврзан со криопрезервација на гамети и ембриони“, ни рекоа од ГАК.

„Поради горе наведените причини како технички премер, подготвување на документацијата, објавување на тендери и зачувување на редовната работа на останатиот дел од работата на одделот за инфертилитет, ИВФ-лабораторијата, привремено, до нејзината целосна реконструкција не прима нови пациенти“, посочија оттаму.

Поконкретно на ГАК пациентките не добиваат ин витро, туку само испитувања за да им се одобри БПО постапката. Потоа пациентката мора да заврши во приватните здравствени установи кои имаат склучено важечки договор со Фондот, или во странство. Во 2024 година до Фондот за здравство се упатени 1.495 барања за биомедицинско потпомогнато оплодување за што Фондот исплатил речиси 1.5 милиони евра.

„Во финална фаза е процедурата за објава на јавна набавка за реконструкција на простор за Центар за инфертилитет и асистирана репродукција во рамки на Клиниката за гинекологија и акушерство и во следните денови ќе биде објавена јавната набавка. Проектот опфаќа реконструкција на просторот, набавка, испорака, инсталација и ставање во функција на специјализирана медицинска опрема, како и исполнување на сите технички, кадровски и организациски предуслови неопходни за безбедно и квалитетно обезбедување на услугите од областа на биомедицински потпомогнатото оплодување.

Министерството за здравство и Клиниката за гинекологија и акушерство континуирано спроведуваат активности за што побрзо отпочнување со работа на овој центар, имајќи предвид дека станува збор за комплексни стручни и законски услови кои е потребно во целост да бидат исполнети. Министерството за здравство останува посветено на воспоставување функционален центар кој ќе обезбедува современи и квалитетни услуги за пациентите во согласност со највисоките професионални стандарди“, изјавија од Министерството за здравство за „Слободен печат“.

Кога ќе се погледнат тендерите на ГАК објавени на страницата на Бирото за јавни набавки, има некои контрадикторни набавки кои се користат само за ИВФ, а за кои ГАК потрошиле пари уште во февруари годинава и во мај. Нејасно е зошто, ако не се работи ин витро.

Извор Биро за јавни набавки, ГАК набавувала материјали за ИВФ

Прилепчанка доби отштета од Македонски пошти зашто ѝ го изгубија ваучерот за ин витро

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот