Илустративно фото/Tetiana Tychynska / Alamy / Profimedia
Илустративно фото/Tetiana Tychynska / Alamy / Profimedia

Прилепчанка доби отштета од Македонски пошти зашто ѝ го изгубија ваучерот за ин витро

Жена од Прилеп, доби отштета на суд од Македонски пошти зашто нејзиниот ваучер за ин витро оплодување со препорачана пратка му го доставиле на непознат човек. Пресудата е објавена на страницата на Апелациониот суд минатиот месец.

Жената откако ја собрала потребната документација во април 2023 година, до Фондот за здравство поднела барање за одобрување на право на биомедицинско потпомогнато оплодување.

Бидејќи таа вторпат аплицирала за остварување на истото право и знаела дека постапката за одговор трае околу еден месец, околу 23 мај се обратила телефонски во Фондот од каде ѝ било кажано дека ваучерот ѝ е испратен преку пошта со препорачана пратка и пристигнат во Прилеп, а подоцна добила известување дека во ФЗОМ се вратила и повратницата од препорачаната пратка и дека „писмото е примено“.

Најстрашно било што жената веќе почнала да ја прима терапијата и оплодувањето морало да почне на точно определен датум, на 3 октомври 2023 година – но таа го немала неопходниот ваучер!

Затоа почнала „потрага“. Стапила во контакт со реонскиот поштар П.В. па и самата отишла во зградата на Поштата во делот за прием на пратки, каде што ѝ била покажана доставната книга во која било наведено дека препорачаната пратка со број RC061569042MK на нејзино име е примена, ама потписот во делот за прием на пратката не бил нејзин. Поштарот ѝ рекол дека писмото било предадено на непознато лице, иако ѝ било итно потребно, а истиот ваучер веќе не можела да го добие од Фондот за здравство од каде ѝ посочиле дека писмото е еднаш испратено и не можат да издадат нов препис!

Македонски пошти почнале внатрешна контрола и констатирале дека пратката била доставена до непознато, неовластено лице без да биде потврден идентитетот преку лична карта. Така, поштарот постапил спротивно на законските и подзаконските акти на Македонски пошти.

Жената пак се обратила до Фондот за здравство да ѝ дадат препис од ваучерот и без ваучер во приватна болница на 3 октомври 2023 година ја почнала постапката за ин витро, цело време под психички притисок. Фондот ѝ го пратил преписот дури две недели подоцна. Тогаш приватната болница ја известила дека ваучерот е истечен и не може да го користи. Затоа, таа за процедурата платила од џеб 160 илјади денари, односно целата постапка што требало да ѝ биде бесплатна – ја платила сама.

Во пресудата се тврди дека цело време додека траела потрагата по ваучерот, па сè до задоцнетото добивање на копијата од него кај неа имало средна до интензивна душевна болка поради претрпен страв дека се пропушта шансата за ин витро оплодување, а со тоа и приликата да се дојде до мајчинство.

Првостепениот суд досуди Македонски пошти да ѝ исплатат на жената 80 илјади денари надомест на материјална штета. Нематеријална штета ѝ е досудена во износ од 40 илјади денари и тоа само по основ на претрпен страв, а штета за душевна болка не ѝ е досудена.

Македонски пошти се жалеле на оваа пресуда и тврделе дека „тужителката не ја докажала содржината и вредноста на пратката“.

Апелација Битола ги отфрли ваквите наводи на Македонски пошти.

Минатата година Фондот за здравство ја промени постапката за ин витро оплодувања и сега ваучерите ги доставува наместо преку Пошта, електронски. Дигитализираната и поедноставена постапка значи дека жените добиваат „е-ваучер“ и не се користат услугите на Македонски пошти за доставување на овие ваучери повеќе. Зголемен е и бројот на ин витро оплодувања што може да се прават на државен трошок, наместо три, сега може да се прават шест. Ова беше овозможено со измените на Законот за здравствена заштита.

Рокот за одлучување за ин витро се скрати од 3 месеци на 2 недели. Постапките се извршуваат во осум здравствени установи во земјава. Во 2024 година имало 1.495 барања за биомедицинско потпомогнато оплодување од кои 1280 биле за прво дете.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот