Охридско езеро / фото: архива

Владата побарала рок шест години од УНЕСКО за да ги поправи забелешките за Охридскиот регион

Владата побарала од УНЕСКО шестгодишен период за да ги исправи долгогодишните проблеми поради кои Охридскиот Регион повторно е предложен за впишување на Листата на светско наследство во опасност.

-Тоа е наследен проблем од порано. Ние, како ниту една влада претходно, презедовме активности. Тука беа луѓето од УНЕСКО пред некоја недела. Ги посетија сите општини, разговараа со сите релевантни чинители, вклучително и со мене во Владата. Ние бараме одреден период, шест години бараме период во кој тоа што било констатирано од минатото да го исправиме. Не можеме, едноставно, и супермени да бевме, за две години да исправиме нешто што е три и пол децении расипувано. А во овој случај, богами и малку повеќе – соопшти премиерот Христијан Мицкоски.

Владата ги презентирала своите аргументи пред УНЕСКО, а конечната одлука сега е во рацете на организацијата.

Охрид да се стави на Листата на светско наследство во опасност — УНЕСКО со сериозно предупредување

-Ние побаравме, ги аргументиравме нашите позиции, ги претставивме нашите аргументи. Останува УНЕСКО да одлучува. Тука сме повеќе немоќни што да направиме – изјави Мицкоски.

Според него, процесот не зависи само од Македонија, туку и од Албанија, бидејќи Охридското Езеро е заедничко природно наследство.

Во најновата Нацрт-одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО се предлага „Природното и културното наследство на Охридскиот Регион (Албанија, Северна Македонија) да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност“. Конечната одлука Комитетот треба да ја донесе на 22 јули, во рамкитe на 48. сесија, што од 19 до 29 јули ќе се одржи во Бусан, Јужна Кореја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот