„Марш за ангелите“ во Кочани: Наместо почит кон нашата болка, нè пречекуваат саркастични насмевки, провокации и довикувања
Родителите на починатите во трагедијата во „Пулс“ денеска излегоа на 47. протестен „Марш за ангелите“, при што порачаа дека од судот не бараат пресуди под притисок, туку одлука заснована исклучиво на факти и докази, врз основа на закон и според совеста на судиите, подвлекувајќи дека овој процес е испит за правдата и довербата во институциите.
Препорачано
-Денес сме пред Судот, затоа што овде треба да се донесе најважната одлука – дали сите тие докази ќе добијат своја правна тежина и ќе резултираат со одговорност. Во изминатите рочишта слушнавме докази, вештачења и сведочења. Не ги изнесовме ние. Ги изнесе Обвинителството. Доколку Обвинителството смета дека доказите ја потврдуваат одговорноста на обвинетите, очекуваме со истата цврстина, професионалност и истрајност да ги брани до самиот крај. Не поради нас, туку поради вистината, законот и поради сите оние кои повеќе не можат сами да зборуваат. Од Судот не бараме пресуди под притисок. Бараме одлука заснована исклучиво на фактите, доказите, законот и сопствената совест. Вашата одлука нема да ги врати нашите деца. Но може да покаже дека во оваа држава никој не е над законот и дека човечкиот живот е највисока вредност. Правдата за нашите деца не ја бараме од одмазда. Ја бараме од почит кон нивните животи и одговорност кон сите идни генерации. Зад вас стојат граѓаните. Пред вас стојат доказите. А над сите нас стои вистината. Никој не е поголем од човечкиот живот. Бараме вистинска правда. За никогаш да не се повтори – рече Александар Наунов, татко на починато девојче во трагедијата.
Неговата сопруга порача дека во судница, наместо почит кон нивната болка, ги пречекуваат саркастични насмевки, провокации и довикувања од обвинетите.
Маршот започна од Паркот на револуцијата до зградата на Општина Кочани, каде што се сместени и просториите на Државниот пазарен инспекторат, потоа продолжи кон канцелариите на Државниот трудов инспекторат, Управата за јавни приходи, кочанската полиција и судот.
Родителите на починатите во „Пулс“ порачаа дека случајот со трагедијата не е обичен судски предмет, туку 63 насилно згаснати животи, 218 повредени и болка на целиот град.


