Заборавот како со пепел ја „покрива“ трагедијата од Кочани — родителите очекуваат пресуда во 2027 година за главното обвинение
Ние како родители не бараме ревизија на обвинението. Напротив, сметаме дека обвинението е поткрепено со обемен доказен материјал. Ние не сме заинтересирани за одолговлекување на постапката, туку за целосно утврдување на одговорноста за смртта на нашите деца. Колку ќе трае процесот, на крајот зависи од судот, вели за „Слободен печат“ Александар Наунов, татко на една од жртвите во пожарот
По повеќе од една година од трагедијата во дивата дискотека „Пулс“, за која мислевме дека ќе биде пресвртна точка за некаква посериозна промена во земјава, не само власта и политичарите, туку и јавноста веќе „заборави“ што се случи на 16 март 2025 година – дека во невиден пожар загинаа 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа потешко повредени и со доживотни трауми и последици.
Препорачано
Судските процеси што се водат за оваа трагедија не се веќе ударна вест, на „маршевите за ангелите“ има сè помалку луѓе, единствено родителите што ги изгубија своите најмили остануваат да бараат правда и да порачуваат дека нивните деца не се само бројка и не смеат да бидат заборавени.
Иако правните експерти предупредуваа дека со обвинението против повеќе од 30 лица за исто кривично дело институциите ризикуваат да ја преминат линијата меѓу вистинската одговорност и задоволувањето на жед за крв на јавноста под наплив на емоции, новиот републички јавен обвинител Ненад Савески го продолжи она што го почна неговиот претходник Љупчо Коцевски и застана зад гломазното обвинение, оправдувајќи го образложението на својот претходник за верижна поврзаност на одговорните.

Савески не очекува судењето да трае со години
Од она што досега го има кажано Савески, може да се заклучи дека Обвинителството не планира да направи ревизија на обвинението. Иако се предупредува дека судењето ќе трае со години, ваквата одлука тој ја правда со она што го слушнал од блиските на загинатите што го поддржуваат обвинението. За разлика од адвокатите што предвидуваат судски процес што ќе трае најмалку пет години, Савески не очекува судењето да трае со години.
– Јавните обвинители веќе работат според план за ефикасно водење на постапката, а во судската фаза се користат механизми за рационализација на изведувањето на доказите – рече Савески на последниот брифинг со новинарите.
ВИДЕО | „Слободен печат“ во Кочани, градот на тагата и гневот – година помина, болката никако
Тој одржал неколку средби со семејствата на жртвите и на повредените за да им ја објасни постапката. Најмногу се задржал на причините за промената на обвинителката Ивана Трајчева, која не беше реизбрана во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, па судските предмети против полицајците ги презеде друга обвинителка.
Ревизија на обвинението не бараат ниту родителите на жртвите. Тие спасот за поефикасно водење на постапката го гледаат во Судот, а токму адвокатите обвинуваат за неоправдано одолговлекување на судењето. Нивните очекувања се дека првата пресуда за овој предмет ќе се изрече на почетокот на 2027 година.
– Не, ние како родители не бараме ревизија на обвинението. Напротив, сметаме дека обвинението е поткрепено со обемен доказен материјал што веќе се изведува пред Судот. Ние не сме заинтересирани за одолговлекување на постапката, туку за целосно утврдување на одговорноста за смртта на нашите деца. Колку ќе трае процесот, на крајот зависи од Судот. Од она што досега го следиме како родители, имаме впечаток дека дел од адвокатите на обвинетите со своите постапки ја одолговлекуваат постапката, а Судот покажува голема толеранција кон таквото однесување. Сметаме дека судницата треба да биде место за факти и докази, а не за непотребни конфронтации, повторувања и одолговлекувања. Веруваме дека Судот има механизми да обезбеди поефикасно водење на постапката и да спречи непотребно губење време. Сепак, ако динамиката продолжи како досега, наше лично мислење е дека би можеле да очекуваме пресуда кон почетокот на 2027 година. Секако, тоа е само наша процена како родители што внимателно ја следат секоја судска расправа – вели за „Слободен печат“ Александар Наунов, татко на една од жртвите во пожарот, Надица Наунова, и претседател на Здружението на граѓани „16 март 2025“.
Нашите деца не се бројка и не смеат да бидат заборавени, порачуваат родителите
На средбите со обвинителот нему му ветиле истрајност, професионалност и непоколеблива борба за вистината.

– Доколку Обвинителството смета дека доказите го поткрепуваат обвинението, тогаш очекуваме цврсто да застане зад него до крајот на постапката. За нас е важно секој што сноси одговорност, без разлика на функцијата или позицијата што ја имал, да не биде изземен од правдата. До јавноста сакам да порачам дека ова не е само трагедија на неколку семејства, туку трагедија на цело Кочани и на цела Македонија. Имаме чувство дека со текот на времето вниманието стивнува, но за нас болката не поминува и нема да помине. Нашите деца не се бројка и не смеат да бидат заборавени. Од првиот ден тврдиме дека ова не беше несреќен случај што се случил преку ноќ. Од доказите што досега се презентирани, станува јасно дека со години институциите не си ја вршеле работата. Дванаесет години никој не проверувал што потпишува, никој не контролирал кој кого доведува во заблуда, никој не реагирал на очигледни неправилности и пропусти. Токму затоа денес не зборуваме само за индивидуални грешки, туку за сериозен институционален системски колапс што довел до трагедија со катастрофални последици – додава Наунов.
За кочанската трагедија се водат вкупно три судски процеси – едниот против повеќе од 30 обвинети, а другите два – против полицајци што се обвинети за трагедијата. Тринаесет полицајци се товарат за најтешкото кривично дело – тешки дела против општата сигурност, односно дека директно се поврзани со смртта на младите луѓе, а другите двете – за коруптивни дела. Досега е изречена само една пресуда, и тоа условна казна за тројца полицајци што не пишувале казни за дивата дискотека, туку за друго правно лице што не било активно.


