Истражување на „Слободен печат“: Грчки ин витро клиники регрутираат пациентки во скопски хотели, на работ на законот
Зад затворени врати на луксузни хотели во центарот на Скопје, на само 5 минути пешачење од Министерството за здравство и Државниот здравствен и санитарен инспекторат и уште на 5 минути пешачење од Министерството за внатрешни работи, се одвива мрежа на „медицински консултации“ што отвора сериозни сомнежи за заобиколување на македонските закони за ин витро односно за биомедицинско потпомогнато оплодување.
Препорачано
Истражувањето на „Слободен печат“ открива дека грчки клиники за асистирана репродукција со помош на локални посредници организираат средби со жени од Македонија кои се борат со неплодност – не во здравствени установи, туку во хотелски сали во Скопје.
Според повеќе извори со директно сознание за настаните, но и според јавните повици на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм документирани со видеоматеријали, „консултациите“ се закажуваат без притоа лекарот што е најавен од Грција да има лиценца од Лекарската комора за да практикува медицина во Македонија. Сите здравствени институции што ги контактиравме во Македонија ни посочија дека давањето медицински консултации претставува медицинска услуга, дека во Македонија консултирањето пациентки е единствено дозволено во здравствени установи, а не во хотели и дека тој што го прави тоа – мора да има времена лиценца од Лекарската комора. Од грчките клиники пак, ни рекоа дека нивните консултации според нив, не претставуваат практикување на медицина во Македонија.
Откако „Слободен печат“ почна да поставува прашања во институциите – закажаните настани во хотелите почнаа мистериозно да бидат откажувани, а веќе резервираните термини на пациентките за хотелска средба им беа променети и им беше кажано дека ќе бидат спроведени онлајн. Тоа нашата редакција го дозна преку јавни дискусии на форуми, каде пациентките вчера една по една почнаа да објавуваат дека од грчката клиника ги контактирале со образложение дека поради „непредвидливи околности кои настанале“ консултациите во Скопје се откажуваат.

Но, рекламите за овие консултации закажани во хотел „Лимак“ за 7 февруари 2026 година кои беа споделувани на социјалните мрежи, дел од кои исто така „исчезнаа“ од социјалните мрежи (но „Слободен печат“ ги сними пред да исчезнат) беа опишани како места на кои ќе биде присутен доктор кој ќе прегледува медицинска историја, ќе дискутира персонализирани планови за третман, ќе дава информации за најновите технологии и стапки на успех.
Според македонските здравствени власти, стручните медицински здруженија за ин витро и претставници на Лекарската комора кои ги контактираше „Слободен печат“, вака опишаните активности претставуваат регулирана материја со Законот за здравствена заштита на Македонија и не може да се вршат на ваков начин. Со малку подлабинско истражување нашата редакција утврди дека не е првпат солунската Newlife IVF Greece да врши вакви медицински консултации во Македонија. Според објавено видео на социјалните мрежи вакви консултации организирале и лани во хотел „Панорамика“. Тогаш како главен гостин го најавиле доктор Димитриос Довас, кој пак според информациите што ги добивме од Лекарската комора ниту тогаш ниту за 7 февруари годинава кога беше закажан па откажан – не побарал лиценца од Лекарската комора. Во видеото од 20 март 2025 година девојка која се претставува како Елена Најдоска, координаторка за пациенти ги кани пациентките на бесплатни индивидуални медицински консултации со неа и со доктор Довас во хотел „Панорамика“.
Од Лекарската комора за „Слободен печат“ велат дека докторот Димитриос Довас ни лани ни денеска немал привремена лиценца во Македонија.
Согласно Законот за здравствена заштита, доктори од странство, можат да даваат здравствени услуги во нашата земја, доколку се исполнети законските услови и е завршена процедурата со која се потврдуваат нивните стручни квалификации, односно добиваат лиценца за работа во нашата земја, што во овој случај не е направено. Комората не е инспекциски орган и нема надлежност да прави контроли, надвор од здравствените установи и законските можности, но апелира до пациентите здравствени услуги да бараат единствено во здравствени установи и внимателно да ги проверуваат квалификациите на докторите кај кои се упатуваат, особено доколку не се од нашата земја, велат од Лекарската комора за „Слободен печат“.
Рекламата на социјалните мрежи за 7 февруари годинава пак гласи:
Бесплатни приватни IVF консултации во Скопје – Newlife IVF Greece. Датум: 7 февруари 2025 година Време: 10:00 – 20:00 часот Локација: Хотел Лимак, Скопје. Дали размислувате да го започнете вашето IVF патување? Нашиот тим доаѓа во Скопје за да Ви обезбеди стручни насоки и поддршка. Закажете приватна, бесплатна медицинска консултација со д-р Димитриос Довас, клинички директор и Елена Најдоска, координатор за меѓународни пациенти. Ова е Ваша можност да ги добиете одговорите на Вашите прашања во дискретна и професионална атмосфера, без потреба да патувате до Солун. Што да очекувате:
▶︎ Преглед на Вашата медицинска историја.
▶︎ Дискусија за персонализирани планови за третман.
▶︎ Информации за најновите технологии и стапки на успех.
▶︎ Консултација на Вашиот јазик со Елена.

Во Државниот здравствен и санитарен инспекторат прашавме дали вакви консултации се законити.
Согласно одредбите од Закон за здравствена заштита, вршење на здравствена дејност, вклучувајки и консултативни услуги од било која област во здравството е дозволена само во здравствени установи. Од тие причини вршењето на бесплатни консултации со увид во медицинска документација во објекти кои не се регистрирани како здравствени установи е забрането. Во врска со објавата на социјалните мрежи за бесплатни IVF консултации од страна на доктор од Грција закажани на 7 февруари 2026 година Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе изврши вонреден инспекциски надзор во Хотел Лимак и врз основа на констатираната состојба ќе постапи согласно законските надлежности, ни одговорија од ДСЗИ.
Се обративме и во самата клиника во Солун каде прашавме како законски го регулирале своето најавено присуство во хотел „Лимак“ на 7 февруари. Од нив дознавме дека нема да има потреба инспекцијата да оди во хотелот на 7 февруари, бидејќи консултациите ги откажале. Откажувањето беше во исто време кога „Слободен печат“ почна да се обраќа во институциите за одговори. Според одговорот од клиниката не се работи за „медицински консултации“ (иако е така напишано во нивните реклами) туку за состаноци.
„NewLife IVF нема да одржува никакви медицински или друг вид консултации/средби во хотелот Лимак на 7 февруари во Скопје. Нашите состаноци со потенцијални пациенти во странство се чисто информативни и неплатени и не се медицински консултации, како што би било случај доколку таа/тој ги посети нашите простории во Солун, каде што ги извршуваме сите соодветни медицински прегледи (на пример ултразвук) за да бидеме во можност ефикасно да ги консултираме нашите пациенти. NewLife IVF вложува максимални напори да се придржува до законот и на ниеден начин нема да го прекрши, изјави за „Слободен печат“ главниот оперативен директор на клиниката Јоанис Ц. Папаконстантину.

Гинеколозите од Македонија што се занимаваат со ин витро со кои разговаравме се лути. Не им се допаѓа ваквата пракса која ја сметаат за нелојална конкуренција. Државата, велат, ги регулира на секој можен начин, им се бара остварување на секакви услови, па така очекуваат да се постапува и во случаите на странски клиники за ин витро.
-Ова е незаконска медицинска практика. Веројатно ценетите доктори имаат успех во своите клиники како што читаме и гледаме, но сигурно никој не би се осмелил да отиде во туѓа држава да прави консултации туку-така. Консултациите се медицинска практика, давањето насоки во третманот на пациентите е медицинска практика. Не се сомневам во нивниот медицински квалитет, но еден лекар треба да ја знае границата каде и кога треба да ја применува таа медицинска пракса. Апсолутно сметам дека ова се прави и од бизнис-побуди, а не само од желба да им се помогне на пациентите. Имам искуство со пациентите кои одат во Солун на ин витро, а во Македонија ги вршат прегледите. Од разговорите со нив дознавам дека таму одат најчесто за да се изведе процедура со донирани јајце клетки. Во Македонија тој процес е малку подолг зашто се чекаат дозволи од Министерството за здравство и од МАЛМЕД бидејќи кога работиме со донирани јајце клетки тие доаѓаат од странски банки. Е сега, не би шпекулирала дали тој процес кој мора да е строго законски регулиран, во Солун е брз зашто го заобиколува законот или зашто имаат поинаков избор на донаторки, зашто тоа не би можела да го знам, изјави за „Слободен печат“ доктор Татјана Гуржанова, специјалист и магистер по хумана асистирана репродукција од „Њуборн“ Клиник Скопје.

Од Здружението за Хумана репродуктивна медицина за „Слободен печат“ велат дека бараат властите во Македонија да го спроведуваат законот за сите.
Ниту Здружението за Хумана репродуктивна медицина ниту Македонските центри за ИВФ не се поврзани ниту контактирани за овие активности и се спротивставуваат на ваков тип неконтролирани здравствени услуги, без соодветни дозволи од нашите институции. Впрочем, на македонските доктори ваков тип на услуги во странство не им е дозволен без соодветни одобренија од надлежни институции. Од Лекарската комора на Македонија нè известија дека барања за дозволи за ваков тип здравствени услуги нема во процедура ниту некогаш биле побарани и дека како такви овие активности вршени вон здравствени установи и без соодветна дозвола се сметаат за здравствени услуги спротивни на одредбите од Законот за здравствена заштита. Активностите се организираат преку социјалните мрежи и форуми и немаме повеќе информации од вас за лицата кои ги посочувате како организатори. Не навлегувајќи во мотивите и структурата на пациентите кои би се регрутирале со вакви активности, ниту негирајќи го основното право на пациентите за свои средства да изберат институција за лекување, ја потенцираме потребата од контрола врз вакви активности, изјави за „Слободен печат“ професор доктор Глигор Димитров, претседател на Здружението за Хумана репродуктивна медицина.
Денеска во хотел на скопскиот плоштад во Скопје, на социјалните мрежи се промовира слична активност од друга клиника за ин витро од Солун. Се обративме со прашања до оваа клиника како е законски регулирано нивното присуство.

Клиниката Ембриолаб потврдува дека организира информативни состаноци со заинтересирани лица во Скопје. Овие состаноци се од строго неклинички и немедицински карактер и се наменети исклучиво за давање општи информации за третманите за плодност што се нудат исклучиво во објектите на Клиниката Ембриолаб во Грција. Според важечката законска рамка, овие состаноци не претставуваат практикување медицина во Република Северна Македонија. За време на овие состаноци не се спроведуваат никакви медицински акти, дијагнози, третмани или клинички одлуки. Секој лекар поврзан со Клиниката Ембриолаб кој може да учествува, ќе го стори тоа исклучиво во информативен и советодавен капацитет, без да обезбедува медицински услуги. Не се вршат физички прегледи и не се спроведуваат никакви медицински процедури, изјави за „Слободен печат“ Димитрис Петкусис од одделот за маркетинг и комуникации на клиниката.
Тој додаде дека не се прегледуваат, чуваат или обработуваат медицински картони на лице место, и не се издаваат индивидуализирани медицински препораки или планови за лекување за време на овие состаноци. Според него, секоја медицинска евалуација или планирање на лекување се случува само откако пациентите ќе ја посетат Клиниката Ембриолаб во Грција и во согласност со грчките закони и регулаторни барања.


