„Ова беше неверојатно“: Сузана Спасовска се огласи по настапот на тераса во Железара на фестивалот „Комшилук“
Фолк дивата Сузана Спасовска со емотивна објава на социјалните мрежи ги сподели впечатоците по настапот на фестивалот „Комшилук“ во скопската населба Железара, каде годинава се одржа необична „комшиска опера“ инспирирана од „Травијата“ на Џузепе Верди.
Препорачано
Спасовска не ја криеше воодушевеноста од атмосферата, публиката и енергијата на настанот, на кој, покрај неа, настапија и Сара Мејс, оперските солисти Јаворка Витанова и Денис Димоски во улогите на Виолета и Алфредо, а вечерта музички ја збогати и Антоние Весковски. Дел од програмата беше и „Мала Травијата“, корео-драма во изведба на „Bullfrogs Ballet School“.
„Драги мои пријатели! Сѐ уште си ги средувам впечатоците од еден волшебен ден поминат во населбата Железара, на годинешното издание на социјалниот мултимедијален фестивал ‘Комшилук’, организиран од млади инвентивни луѓе на чело со Стефан.
Голема благодарност до организаторите, за поканата да настапам на ова пребогато и ретко случување, пред публика која зрачеше со позитивна и невидена радост. Атмосферата беше неверојатна, а сите учесници внесоа посебен шарм и многу креативност во програмата. Ова беше нешто поинакво и освежувачко, вистински празник на музиката, дружењето и добрата енергија.
Спасовска упати особена благодарност на станарите од чија тераса запеа пред присутните:
Им благодарам на домаќините, семејството Васоски, кои со многу љубов не пречекаа во нивниот дом и ни овозможија нивната голема тераса да се претвори во прекрасна сцена, од која со мои неверојатни песни ги испративме Виолета и Алфредо, со бела лимузина, на нивниот ‘меден месец’.
Сузана на крај порача дека ваквите настани прават чуда за луѓето:
Оваа модерна изведба на операта ‘Травијата’ докажа дека музиката и вистински сплотеното соседство сѐ уште има силна моќ во Скопје.
Драги луѓе, во овие времиња каде сивилото е секојдневие околу нас, ваквите ретки моменти со насмевка на лицето и искрената радост, прават чуда. Го сакам мојот народ кога распеан и разигран заборава на секојдневните грижи, и затоа – живи, здрави и само за убаво да се гледаме!“, порача Спасовска.
Инаку, годинашното издание на „Комшилук“ ја претвори Железара во отворена сцена, каде балконите станаа ложи, а соседите – публика на една поинаква, маалска верзија на „Травијата“. Фестивалот, кој има цел да ја доближи уметноста до луѓето и да ги оживее соседските врски, уште еднаш покажа дека музиката и заедништвото можат да создадат магија и надвор од концертните сали.
Еј, комшија! Слушна ли што се случи во Железара? Виолета и Алфредо добија среќен крај на „Комшилук“


