ВИДЕО | Парис Хилтон се врати во училиштето каде што била злоупотребувана, за да им даде поддршка на децата со слична судбина
Парис Хилтон во понеделникот се „врати“ во училиштето „Прoво Канион Скул“ во Спрингвил, Јута (САД), за да поддржи две семејства кои истиот ден поднесоа тужби поради наводно злоупотребување на нивните деца, пишува „Гардијан“. Хилтон изјави дека кон крајот на деведесеттите години поминала речиси една година токму во оваа установа и дека тогаш била изложена на злоупотребување.
Препорачано
Таа тврди дека вработените ја тепале, ја надгледувале додека се туширала, ѝ давале непознати таблети и ја држеле во самица без облека.
Пред училиштето, таа порача дека со години се подготвувала за ова враќање.
„Сонував да станам доволно силна, доволно успешна и доволно моќна за да се вратам и да бидам херојот кој ми беше потребен кога како девојче бев заклучена внатре. Денес е тој ден и нема да се откажам“, рече Хилтон.
Установата денес има нов сопственик, а управата соопшти дека не може да ги коментира настаните што претходеле на промената на сопственоста, вклучувајќи го и периодот кога Хилтон престојувала таму.
Училиштето не сакаше да зборува ниту за поединечните актуелни случаи поради законите за приватност на пациентите, но наведе дека „безбедноста, достоинството и добросостојбата на оние кои ни се доверени се најголеми приоритети во училиштето“.

Детали за новите тужби
Една од новите тужби се однесува на 13-годишно момче, за кое неговата мајка Алиа Корона тврди дека не добило веднаш помош откако друг штитеник му ја удрил главата од земја. Според наводите во тужбата, момчето здобило скршеница на вилицата и повреда на мозокот. Друго семејство, пак, тврди дека нивната ќерка повеќе од седум дена имала силни болки во стомакот и мачнини пред училиштето да побара соодветна медицинска помош, по што дошло до откажување на бубрезите.
Државните здравствени службеници во мај му воведоа привремени ограничувања на училиштето бидејќи персоналот не побарал веднаш медицинска помош за ученик со тешки повреди. Метрите, меѓу кои е и забраната за прием на нови корисници, треба да истечат во четврток.
Хилтон ги повика властите во Јута да го затворат училиштето и потсети дека претходно сведочела во Конгресот и во парламентите на сојузните држави, каде што поддржувала закони за заштита на тинејџерите.
ФОТО | Парис Хилтон волонтира во Лос Анџелес: Им помага на загрозените семејства, а вдоми и куче


