Мицкоски Фото: Принтскрин

Мицкоски ќе им го „честита“ партискиот роденден на министрите што ќе „летаат“

 Иако не се очекува Мицкоски поименично да ги спомене министрите што доволно не се ангажирале, очекувањата се дека тие сами ќе се препознаат. Најавите се дека премиерот ќе укаже дека во неколку ресори очекувал поголема динамика на спроведување на проектите, со што, пак, ќе навести кои од министрите од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат сменети при најавената реконструкција на Владата.

Премиерот Христијан Мицкоски откако утревечер во Струмица ќе ѝ го честита 36-тиот роденден на ВМРО-ДПМНЕ, во роденденската честитка нема да заобиколи да ги спомене ресорите од кои очекувал повеќе, односно министрите кои, според него, потфрлиле во досегашниот двегодишен ангажман во Владата, брифира за „Слободен печат“ висок владин функционер.

Иако не се очекува Мицкоски поименично да ги спомене министрите што доволно не се ангажирале, очекувањата се дека тие сами ќе се препознаат. Најавите се дека премиерот ќе укаже дека во неколку ресори очекувал поголема динамика на спроведување на проектите, со што, пак, ќе навести кои од министрите од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат сменети при најавената реконструкција на Владата.

Мицкоски веќе изјави дека со реконструкцијата ќе се занимава по роденденот на партијата. Според ова, можно е веќе следниот ден да почнат средбите со владините партнери Вреди и ЗНАМ со цел да се реконфигурира владиниот кабинет.

Премиерот претходно изјави дека при реконструкцијата, фокусот повеќе ќе биде на суштината отколку на квантитетот, и дека во таа насока ќе бидат и разговорите со копретседателите на Вреди, Изет Меџити и Билал Касами, како и со лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Премиерот неколкупати повтори и дека освен смена на некои министри, можни се и рокади на ресори меѓу владините партнери ако на маса има поквалитетна кадровска понуда од актуелните.

Касами и Меџити веќе ги „испрашале“ своите кадри

Реконструкцијата спремни ќе ја дочекаат и копретседателите на Вреди, Касами и Меџити кои, пак, веќе ги „испрашале“ своите кадри, односно на средби со министрите, замениците министри и со директорите на јавни претпријатија ја анализирале нивната досегашна работа.

Анализа на сработеното на половина од мандатот веќе спровела и ЗНАМ, а заклучокот е дека се задоволни од своите министри и дека на Мицкоски ќе му соопштат дека се против рокада на ресори.

Неофицијално, подолг период се шпекулира дека Мицкоски ќе им се заблагодари на министрите за спорт и за култура, Борко Ристовски и Зоран Љутков, и дека од функцијата ќе се збогува и министерката за образование Весна Јаневска, ако нејзиниот ресор при рокада заврши кај Вреди.

Кај Вреди, по оставката на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи и разидувањето на министерот за социјална политика Фатмир Лимани со сопартијците, можни се рокади на ресорите и во самата партија, но и со ВМРО-ДПМНЕ. Фиксно е само дека Лимани повеќе не е во ниту една комбинација на Вреди. Се споменуваат повеќе комбинации, од таа дека министерот за здравство Азир Алиу може да биде идниот вицепремиер за добро владеење, а таа позиција да заврши кај ВМРО-ДПМНЕ, која инсистира да го преземе Министерството за здравство, а за нов министер во овој ресор наводно го предлага директорот на ГОБ „8 септември“ Синиша Стојаноски. Тогаш Вреди ќе инсистира за возврат да го добие ресорот образование. Се споменува и можна рокада на вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали со министерот за здравство Алиу. Во таков случај, Сали ќе остане прв вицепремиер и министер за здравство.

Во ЗНАМ виси фотелјата на министерот за правда Игор Филков, ресор што го пикира ВМРО-ДПМНЕ. Во таков случај ЗНАМ ќе треба да се задоволи со Министерството за култура. Неофицијално, Мицкоски е незадоволен и од работата на вицепремиерот Иван Стоилковиќ.

Предвремените зависат од опозицијата, вели премиерот

Паралелно со реконструкцијата на Владата во јавноста се туркаат и шпекулации за можни предвремени парламентарни избори пролетта 2027 година, иако премиерот повеќепати нагласува дека е за редовни избори во 2028 година, освен „ако опозицијата не го предизвика“.

– До скоро опозицијата и ДУИ и СДСМ самата велеше дека е подготвена за предвремени парламентарни избори. Јас сум слушнал неколку изјави од неколку нивни функционери – дека се подготвени да одат на предвремени парламентарни избори. Владата неколкупати повтори дека граѓаните ѝ дале мандат четири години на оваа Влада, сега влегуваме во втората половина од мандатот. Ние сме фокусирани на реформи и на испорака. Логично е во втората половина на мандатот да сте подготвени доколку опозицијата ве предизвика да одите на избори, иако како Влада не посакувам такво сценарио. За нас е важно да го истераме мандатот до крај. Зарем јас би правел реконструкција на Владата, ако за неколку месеци очекувам да одиме на предвремени парламентарни избори? Многу е нелогично едното со другото. Се разбира, како претседател на Владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ јас морам да антиципирам можни политички маневри. Засега можам да видам само уплашена опозиција од уште еден пораз на евентуални предвремени избори. Кога напролет би имале избори, ние кон почетокот на идната година би требало да имаме техничка влада. Зарем би правеле сега реконструкција ако за пет-шест месеци имаме техничка влада и предвремени парламентарни избори. Не, тогаш би си изоделе до крај. Нашата амбиција е со оваа реконструкција да обезбедиме нова енергија, нов импулс во водење политики и реформи и да испорачаме за граѓаните – рече Мицкоски во интервју за Алсат.

Сепак, дали ќе има и реконструкција на Владата и предвремени избори е политичка одлука која ни самиот Мицкоски не ја исклучува.

Промената на рејтинзите ги менува плановите за реконструкција — Мицкоски се радува дека Вреди е пред ДУИ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот