Македонско и бугарско знаме/ Фото: Слободен печат/ Архива

Напнатите односи меѓу Софија и Скопје и говорот на омраза создаваат амбиент за насилство

Бугарското Министерство за надворешни работи, исто така, го осуди инцидентот, оценувајќи го како демонстративен чин на агресија. Според оцената на бугарското МНР, нападот е резултат на атмосфера на омраза и агресивен политички говор.

Слушај ја веста

Само неколку часови по инцидентот во кој беа запалени две дипломатски возила на Бугарската амбасада во Скопје, Министерството за внатрешни работи го идентификуваше и го уапси осомничениот сторител. Станува збор за 44-годишен жител на Скопје со иницијали И.Д., кој е задржан во полициска станица и против кого ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Како што информираа од полицијата, инцидентот се случил вчера околу 12:13 часот, кога две дипломатски возила паркирани пред амбасадата биле полеани со запалива течност и запалени. Благодарение на навремената интервенција, пожарот бил локализиран пред да предизвика поголема материјална штета или да ги загрози вработените во дипломатската мисија.

ВИДЕО | Бугарски медиуми објавија снимка од палењето пред Амбасадата во Скопје

Од МВР соопштија дека веднаш по пријавата биле преземени интензивни оперативни мерки, при што за кратко време бил идентификуван и пронајден осомничениот. При претресот била пронајдена и облеката што ја носел во моментот на извршување на делото.

Првичните сознанија не укажуваат на мотив директно поврзан со Бугарија, туку дека лицето реагирало поради наводно непрописно паркирани возила, за кои се информирал преку прилог на една од националните телевизии. Овие информации засега не се официјално потврдени од истражните органи.

Фатен е потпалувачот на возилата пред Бугарската амбасада, јавува МВР

Премиерот Христијан Мицкоски го осуди инцидентот, нагласувајќи дека станува збор за сериозен кривично-правен настан и посочи дека институциите покажале ефикасност со брзото приведување на осомничениот.

– Силно го осудуваме овој кривично-правен настан. Лицето е обезбедено и во тек е распит за да се утврдат мотивите што довеле до ова дело – изјави Мицкоски.

Тој додаде дека МВР е во постојана комуникација со бугарските власти и дека Владата останува на ставот за целосно расветлување на случајот.

Реакции во Софија

Случајот предизвика остри реакции и во Софија. Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, оцени дека не станува збор за обично кривично дело, туку за неприфатлив напад врз дипломатска мисија. Според неа, ваквите инциденти ја тестираат способноста на државата да ги исполни своите меѓународни обврски за заштита на дипломатските претставништва.

– Алармантно е што овој инцидент се случува во позадина на континуирана антибугарска реторика и атмосфера на нетолеранција, која со години останува без потребниот институционален отпор. Ваквите дејствија не се случуваат во вакуум – тие се директна последица на всадувањето омраза и неказнивост. Европската интеграција не е само политичка цел, туку и одговорност. Земја што претендира на членство во Европската Унија мора безусловно да ја гарантира безбедноста на дипломатските мисии, да се спротивстави на говорот на омраза и да демонстрира почит кон своите соседи не само со зборови туку и со дела – изјави Јотова додавајќи дека очекува итна, транспарентна и ефикасна акција од надлежните органи во Скопје.

Бугарското Министерство за надворешни работи, исто така го осуди инцидентот, оценувајќи го како демонстративен чин на агресија. Според оцената на бугарското МНР, нападот е резултат на атмосфера на омраза и агресивен политички говор.

Овој последен напад врз Бугарија и Бугарите е резултат на агресивен политички говор, поттикнување омраза и недостиг на соодветен одговор од страна на институциите во претходни слични значајни случаи, што создава чувство на неказнивост за сторителите. Потсетуваме дека по последниот напад со палеж во Република Северна Македонија врз Бугарскиот културен клуб во Битола, наместо да добие соодветна казна, инцидентот беше прославен и беше вклучен во предизборна политичка кампања – реагираат од бугарското МНР од каде што повикаа на брза и правична судска постапка за сторителот.

Говорот на омраза може да прерасне во дела на омраза

Во меѓувреме, експертите за комуникации предупредуваат дека говорот на омраза може да прерасне во дела на омраза. Комуникологот Бојан Кордалов посочува дека јавните личности и политичарите имаат особена одговорност да промовираат инклузивна комуникација и почитување, наместо реторика што создава поделби и нетолеранција.

– Говорот на омраза може да доведе и до дела од омраза. Токму затоа е важно секоја јавна личност, без разлика од каде потекнува, да практикува инклузивна комуникација што не се заснова на стереотипи, дискриминација или говор на омраза. Ова особено важи за политичарите и носителите на јавни функции, кои не само што имаат најголемо влијание, туку со својата комуникација можат да охрабрат или обесхрабрат одредено однесување кај поединци или групи. Едноставно, неопходно и позитивно за целиот балкански регион е да ги следиме добрите западноевропски ЕУ практики, каде што се охрабруваат политики на соработка и меѓусебна солидарност – вели Кордалов за „Слободен печат“.

Билјана Георгиевска од СЕММ оценува дека палењето на бугарските дипломатски возила не може да се каже дека е директна последица на говорот на омраза поттикнат од политичките односи меѓу Бугарија и Македонија, но ваквите инциденти и медиумските објави за нив, вели таа, пренесени на социјалните мрежи, секако покренуваат нови бранови меѓусебни навреди, омаловажување, дискриминирачки и говор на омраза.

Во услови на „тврда“ политика на највисоко ниво, во Скопје и во Софија, во однос на билатералниот спор околу историјата и идентитетот, не изненадува што слична рефлексија има и на социјалните мрежи, некогаш спонтана, а некогаш организирана – со нагласена омраза, наместо обиди за подобрување на соседните односи. СЕММ апелира до медиумите одговорно да постапуваат, односно да ги модерираат коментарите на социјалните мрежи, поврзани со нивни содржини, што би можеле уште повеќе да ја разгорат оваа токсична комуникација – вели Георгиевска за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот