Кејт Бланшет станува професорка на Универзитетот во Оксфорд
Кејт Бланшет ќе ја замени филмската сцена со амфитеатар, барем привремено, откако беше назначена за „визитинг професорка“ по современ театар на колеџот Сент Кетрин при Универзитетот во Оксфорд. Нејзиниот мандат започнува во академската година 2026/27.
Препорачано
Професорската позиција е основана во 1990 година со донација од британскиот театарски продуцент Камерон Мекинтош, познат по светски успешни продукции како „Клетници“, „Фантомот од операта“ и „Мачките“. Целта на програмата е да ги поврзе меѓународно признатите личности од театарот, филмот и перформанс уметноста директно со студентите и универзитетската заедница.
Со ова именување, Бланшет се приклучува на импресивна листа на претходни професори, меѓу кои се Стивен Сондхајм, Сер Ијан Меккелан, Артур Милер, Том Стопард, Стивен Фрај, Дајана Риг и Тревор Нун. Непосредно пред неа, функцијата ја извршувала уметницата и сценографка Ес Девлин, која се смета дека значително придонела за проширување и развој на програмата.
Во рамки на својата улога, Кејт Бланшет ќе учествува во разговори, предавања и настани со студентите и академската заедница. Таа изјави дека уметноста ги руши границите на имагинацијата, поставува прашања и ја проширува реалноста, нагласувајќи дека долгогодишното креативно искуство ѝ помогнало чувствата да ги претвори во идеи. Професорската позиција ја опиша како возбудлива можност за директен креативен дијалог со новата генерација мислители и уметници.
Раководителката на колеџот, Џуд Кели, изјави дека Бланшет е една од највлијателните уметнички личности на денешницата, не само поради нејзината работа на сцена и на филм, туку и поради нејзината посветеност на културен дијалог и општествена вклученост. Таа додаде дека професорската програма има цел да ги доведе водечките светски уметници во директен контакт со студентите и академската јавност.
Камерон Мекинтош исто така изрази задоволство од изборот, истакнувајќи дека богатата кариера на Бланшет ќе биде голема инспирација за студентите на Оксфорд.
Покрај академската улога, Бланшет продолжува и со своите уметнички проекти. Таа наскоро повторно ќе настапи на сцената во претставата „Електра/Персона“ во лондонскиот Национален театар, заедно со Нина Хос. Исто така, најавени се нејзини нови филмски улоги во неколку претстојни проекти.
Бланшет е добитничка на бројни признанија, меѓу кои и две награди Оскар, четири награди БАФТА и четири Златни глобуси, а е позната и по нејзината работа како продуцент, културен застапник и хуманитарец.
Нејзиното назначување на оваа професорска позиција ја продолжува традицијата на програмата која повеќе од три децении ги поврзува врвните уметници со академскиот свет и студентите во Оксфорд.


