ИНТЕРВЈУ | Блага Петреска: Кога маж ми почина и останав сама со децата, „Валандово“ ме извади од бездната
Тоа беше еден од најтешките периоди во мојот живот. Бев многу тажна и исплашена како понатаму ќе продолжам. И токму тогаш, кога се појави „Валандово“, јас почувствував дека добив шанса да излезам од таа темнина.
Едноставна, весела и топла зад сцената, а енергична и со целото срце на сцената, таква е Блага Петреска. На „Фолк фест Валандово“ легендарната пејачка ја доби наградата за животно дело и рече дека токму овој фестивал ѝ помогнал полесно да живее со тагата, кога починал нејзиниот сопруг, а таа останала сама со децата. Нејзината снаа, Русинката Ана Кондратенко, е концерт-мајстор во оркестарот на Филхармонијата. Син ѝ Олег е познат виолинист и професор по виолина. Музичко образование има и ќерката Оља. Внуката на Блага, Летиција, свири виолончело, а во Москва учи за актерка. Фолк-легендата за „Слободен печат“ со љубов зборува за своите деца и внуците кои се преселија од Македонија и вели дека целиот живот по некого страда, но има и многу причини за кои вреди да живее и да се радува.
Препорачано
Како ги доживувате наградите и признанијата по толку години кариера и дали наградата за животно дело значи повлекување од сцената?
– Чувството е убаво, но и многу измешано. Од една страна е признание, радост, потврда за сè што си го работел цел живот. Но, од друга страна доаѓаат и прашања. Сè почесто се прашувам дали уште треба да бидам на сцена. Целиот живот сум таму, живеам за песната, но сум пропуштила и многу семејни моменти. Денеска, на пример, на внукот му беше матурска. Не бев таму. И тоа знае да те стегне однатре.

Како се справувате со таа постојана дилема – сцена или семејство?
– Таа борба трае цел живот. Музиката ми е сè, но и семејството ми е исто така сè. Само што сцената знае да те однесе целосно. И тогаш сфаќаш дека пропушташ моменти кои не можеш да ги вратиш: родендени, матурски, обични семејни радости. Не знам. Некогаш ми доаѓа, еве денеска така седам и си велам: „Дали ми треба уште да пеам?“, затоа што цел живот сум на сцена.
Рековте дека фестивалот во Валаново Ви помогнал во времето на најголемата животна тага, кога го загубивте сопругот.
– Во 1983 година го загубив мојот сопруг. Тоа беше еден од најтешките периоди во мојот живот. Бев многу тажна и исплашена како ќе продолжам понатаму. Не знаев како ќе се снајдам. И токму тогаш, кога се појави „Валандово“, јас почувствував дека добив шанса да излезам од таа темнина. И кога слушнав за „Валандово“ премногу се израдував, затоа што навистина ја видов шансата дека песната ќе ме извади од бездната и ќе ми помогне ако направам кариера, за да им помогнам на моите деца со хонорарите што ќе ги земам. Инаку, јас сум скромен човек. Ниту сакам титули, ниту сакам пари. Јас повеќе обрнувам внимание на мојот дух, сакам духовно да сум богата. Сè друго, денеска го имаш, утре го немаш. Но, доаѓаат такви моменти кога немаш излез и бараш чаре, ама тука е Бог, помага, па ви дава шанса. Со фестивалот „Валадново“, растев и јас.
Минатата година на истата сцена рековте дека за малку ќе сте се расплачеле во студио кога ја пеевте песната „Кој да ми запее“, посветена на младите што се иселуваат од Македонија. Како денес гледате на ова, со оглед на тоа дека и дел од вашите внуци се преселени?
– Лани се присетив дека за првпат на „Валандово“ пеев пред 40 години. Таа песна е „Раширило оро широко, по селските мегдани“. И сега жалам што по 40 години пеам за празни села без мегдани, без младина, без деца, за места кај што нема кој да заигра оро и да се запее песна. И многу сум тажна, иако мене ме знаат како весела жена. Но, таква е сега ситуацијата, младите си одат, а тоа е многу тешко за родителите и за нас бабите. Јас до вчера жалев за моите деца кои беа во странство, сега жалам за внуките кои заминаа. Едната е во Германија, другата е во Москва.
Многу ми е тешко. За жал, сè повеќе заминуваат и не се враќаат. Би сакала да одат, да видат како е надвор, но и да се вратат и да донесат нешто добро тука. А вака останува празнина. Иако двете внуки од синот ми се во странство, а од ќерката се тука, и тие планираат заминување. Едниот внук ќе студира архитектура надвор, другата веќе заврши американски колеџ и сака специјализација. Цел живот страдам, прво по децата, сега по внуците.
Имате нов хит со Дац и Александар, „Серенада за Прилеп“. Како дојде до таа соработка?
– Дац и Александар се прекрасни и песната е навистина прекрасна. Ми се јави внук ми од Прилеп и ми кажа дека кога во 12 часовникот чука, се слуша нашата песна. Значи, кој да помине, ќе ја слушне, така што сите прилепчани ќе ја научат. Јас сум пресреќна што добив толку убав текст од Огнен Неделковски и што Александар и Дац направија преубав спот.

Како би ги опишале прилепчанките?
– Многу се вредни и домаќинки и ги жалам затоа што се натпреваруваат која ќе направи подобри јадења и колачи. На шега велам дека јас затоа избегав од Прилеп.
Како изгледа еден Ваш обичен ден кога не снимате и не настапувате?
– Многу едноставно. Одам до пазар, разговарам со луѓето таму и разменуваме енергии. Попладне можеби ќе одам до парк. Сакам многу во парк да шетам, да разменувам мисли, да се релаксирам, гледам телевизија. И така, сега како да почнувам да го живеам животот.


