Фото: Бгнес / Јутјуб / скриншот

ВИДЕО | Бугарски медиуми објавија снимка од палењето пред Амбасадата во Скопје

Бугарскиот портал „Бгнес“ попладнево објави снимка од палењето на автомобилите паркирани пред зградата на Бугарската амбасада во Скопје. На видеото се гледа како маж кој носи најлонска кеса и од неа вади пластично шише, истура течност врз колите, по што се гледаат големи пламени јазици, а тој заминува. Снимката се замрзнува во неколку наврати, токму кога напаѓачот наводно ја запалил течноста, и тие моменти не се забележани.

„Бгнес“ исто така пишува дека во тие моменти „полицијата не презела ништо“, мислејќи на службеното обезбедување пред Амбасадата и стражарското место на кое дежураат полицајци.

Понатаму, порталот забележува дека спроти Бугарската амбасада е „една од регионалните противпожарни служби“, а во текстот се обвинува дека пожарникарите не дошле брзо на местото на пожарот.

„Екипа на противпожарната бригада пристигнува на местото на настанот дури откако нашите дипломати лично ги гаснат пламените јазици на изгорените автомобили“, пишува „Бгнес“.

Во меѓувреме, официјална Софија се огласи околу инцидентот. Министерството за надворешни работи на Бугарија оцени дека денешното палење на два автомобили на Бугарската амбасада во Скопје е „резултат на агресивен политички говор, поттикнување омраза и недостаток на соодветен одговор од страна на институциите во претходни слични значајни случаи, што создава чувство на неказнивост за сторителите“.

„Потсетуваме дека по последниот напад со палење во Република Северна Македонија врз бугарскиот културен клуб во Битола, наместо да добие соодветна казна, пироманот беше прославен и беше вклучен во предизборна политичка кампања“, велат од бугарското МНР.

Во соопштението се вели дека бугарската држава ќе продолжи „да ги користи сите воспоставени механизми“ за да се спротивстави на „обидите за создавање атмосфера на страв кај Бугарите во Република Северна Македонија“.

Владата на Македонија и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најостро го осудија денешниот инцидент, во кој изгореа неколку возила на Амбасадата, кои имале дипломатски таблички.

МВР соопшти дека презема мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот.

ВИДЕО | Запалени се дипломатски возила пред Бугарската амбасада во Скопје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот