Македонците во Бугарија бараат права, не сожалување
Поранешниот дипломат Марјан Ѓорчев смета дека извинувањето не е доволно ако не следува конкретна акција од Софија. Според него, Македонија треба да бара реципроцитет и доследна примена на европските правила. Правата на Македонците во Бугарија, вели Ѓорчев, не смеат да останат само на хартија.
Декларацијата на Европската слободна алијанса (ЕФА) повторно го врати на маса прашањето што Софија најчесто го турка на страна: положбата на Македонците во Бугарија и неспроведените пресуди од Судот за човекови права во Стразбур.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во документот се бара Бугарија да се извини за злосторствата врз Македонците и да ги признае нивните права како малцинство, а за Македонија ова практично е силен аргумент во спорот во кој од Скопје се бараат уставни измени, додека од Софија со години се толерира одложување на обврските пред европските институции.
Негирање и дискриминација
На годишното собрание на Европската слободна алијанса едногласно беше усвоена Декларација со која се бара Бугарија формално да се извини за злосторствата врз македонското малцинство за време на комунистичкиот период.
Во документот се наведува дека Македонците во Бугарија биле изложени на тепање, присилно раселување, понижување, казнување, затворање и убиства поради изразување на својот етнички идентитет и поради спротивставување на политиките на денационализација.
ЕФА оценува дека македонското малцинство во Бугарија и денес се соочува со сериозна криза на човековите права во рамките на Европската Унија.
Според Декларацијата, системската репресија и етничкото негирање се продолжение на политиките од времето на комунистичкиот режим на Тодор Живков.
Особено се посочува 1963 година, кога политиката на негирање на македонското малцинство била дел од процесите за присилна асимилација во концептот на „единствена бугарска социјалистичка нација“.
Но, декларацијата не останува само на минатото. ЕФА бара Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права, кои се однесуваат на правото на регистрација на македонските организации во земјата.
Според документот, токму неспроведувањето на овие пресуди им оневозможува на Македонците во Бугарија институционално да ги застапуваат своите права, интереси и потреби.
Правилата се јасни
Поранешниот дипломат Марјан Ѓорчев смета дека Македонија треба да го постави прашањето за реципроцитет во односите со Бугарија и да инсистира на доследно почитување на европските правила.
Според него, не може од Македонија да се бара исполнување на услови во име на европските стандарди, додека Бугарија со години не ги спроведува пресудите од Стразбур.
– Македонија бара реципроцитет од Бугарија. Тоа треба да биде тема во дискусијата меѓу двете земји. Зошто Бугарија, која го гази европското право, 20 години не им дозволува на бугарските граѓани со македонска самосвест да регистрираат граѓанско движење? – прашува Ѓорчев.
Тој нагласува дека Македонија не бара ништо надвор од европските стандарди, туку само спроведување на веќе донесени пресуди.
– Што бара Македонија? Македонија не бара ништо друго освен да се спроведат 14 пресуди. Тоа е европско право – посочува Ѓорчев.
Поранешниот дипломат смета дека Европската Унија и Советот на Европа имаат механизми да побараат од Бугарија да ги исполни обврските што произлегуваат од пресудите на Европскиот суд за човекови права.
– Европската Унија може преку своите институции, преку министрите и преку Советот на Европа, да донесе заклучок дека Бугарија мора да ги спроведе пресудите. Ако не ги спроведе, треба да има санкции. Не е важно какви ќе бидат санкциите, но не може проблемот да се сведе само на извинување – вели Ѓорчев.
Според него, проблемот е во нееднаквиот третман. Од Македонија се бара да го менува Уставот и да ги внесе Бугарите во Преамбулата, додека македонското малцинство во Бугарија не се признава.
– Дајте ни толкувачко објаснување. Кажете ни според кој член ние сме должни да го промениме Уставот и да ги внесеме прашањата на малцинствата. Македонското малцинство во Бугарија не се признава. Таму сè се сведува на индивидуални човекови права. Тогаш што точно бараат од нас? – прашува Ѓорчев.
Европските стандарди не можат да важат селективно
Декларацијата на ЕФА доаѓа во чувствителен момент за македонско-бугарските односи. Македонија и натаму е заглавена на европскиот пат поради условот за уставни измени, додека прашањето за Македонците во Бугарија останува речиси невидливо во официјалната европска политика.
Токму затоа, според Ѓорчев, Македонија треба да инсистира на принцип, а не на политички инает.
Ако европското право, вели тој, е основа на процесот, тогаш тоа мора да важи и за земјите членки и за земјите кандидати.
– Се работи за принцип и за стандард. Ако се повикуваме на европски стандарди, тогаш тие треба да важат за сите. Ние немаме намера да влегуваме во Европската Унија на начин што е спротивен на европските стандарди и на европските правила – порачува Ѓорчев.
Прашањето за Македонците во Бугарија, со ваквата декларација, веќе не останува само билатерална тема меѓу Скопје и Софија. Тоа станува тест за европските институции: дали ќе инсистираат на спроведување на сопствените правила и кога тие се однесуваат на земја членка на Унијата.
ЕФА бара извинување, признавање на правата и спроведување на пресудите. Ѓорчев, пак, смета дека Македонија треба токму таа рамка да ја користи како аргумент во разговорите со Бугарија и со Брисел.
– Во спротивно, спорот ќе остане заробен во истата противречност: од Македонија ќе се бара да прави отстапки во име на европските вредности, додека истите тие вредности ќе се заобиколуваат кога станува збор за правата на Македонците во Бугарија – заклучи Ѓорчев.


