Фото: X / Morski.hr / скриншот

Нуркачи ја пронајдоа четвртата жртва во поморската несреќа на Јадранот — телото било во едрилицата

По тешката поморска несреќа што вчера се случи во водите меѓу хрватските острови Шолта и Брач, во која загинаа четири луѓе, нуркачи во длабочина поголема од 50 метри ја пронајдоа потонатата едрилица што се судри со бродот. Во едрилицата го најдоа и телото на четвртата жртва од несреќата, пренесува хрватски Индекс.

„Ќе следува сложена операција за извлекување на телото од потонатата едрилица, а Државното обвинителство ќе издаде налог за вадење на едрилицата од длабочина поголема од 50 метри“, изјави Жељко Куштера од Лучката капетанија.

Под сè уште неразјаснети околности, вчера меѓу Шолта и Брач се судрија брод катамаран и едрилица долга околу 14 метри, на која имало осум луѓе.

По судирот беа пронајдени телата на тројца загинати, па досега се трагаше и по четвртото.

Драма во близина на Сплит: се судрија катамаран и едрилица, има исчезнати

Меѓувремено, четворица беа пренесени во Клиничкиот болнички центар во Сплит и се надвор од животна опасност.

„Сите настрадани се чешки државјани“, соопшти Министерството за море, транспорт и инфраструктура.

„Ваква трагедија не сум доживеал“

Капетанот Куштера потврди дека едрилицата имала уредна документација и дека во моментот на судирот пловела со моторен погон. Видно потресен, тој изрази жалење поради несреќата.

„Не паметам ваква трагедија што ги погоди сите луѓе и работници кои се занимаваат со поморство. Тоа беа гости кои доаѓаа кај нас. Станува збор за сплет на околности што предизвика огромна болка. Ова е една голема трагедија. Вакво нешто сè уште не сум доживеал во повеќе од триесет години кариера“, посочи тој.

Истрагата во тек

Надлежните служби започнаа истрага за да се утврдат точните околности што довеле до судирот. Увидот на местото на несреќата го води заменичка на жупаниското државно обвинителство со помош на вештаци и полицијата.

Агенцијата за истражување несреќи во воздушниот, поморскиот и железничкиот сообраќај потврди дека отвора безбедносна истрага, а за случајот се известени и надлежните органи на Франција и Чешка.

Судскиот вештак за поморство Дамир Вишиќ предупреди дека е прерано да се носат заклучоци.

„Пловен објект пократок од 20 метри мора да им отстапува предност на поголемите бродови на пловни патишта и во тесни канали. Зошто се случило ова, засега имаме премалку информации. Можно е да станува збор и за технички дефект“, изјави Вишиќ за ХРТ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот