По Црна Гора и Албанија, Македонија би можела да биде следната во ЕУ, рече Вајц во Европскиот парламент
Известувачите на Европскиот парламент за земјите од Западен Балкан денеска во Стразбур ги презентираа нацрт-резолуциите врз основа на годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на државите во процесот на европска интеграција.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На пленарната седница на Европскиот парламент беа разгледани извештаите за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Црна Гора. Во дебатата учествуваше и европската комесарка за проширување Марта Кос, како и повеќе европратеници од различни политички групи.
Известувачот за Македонија, австрискиот европратеник Томас Вајц, оцени дека Западен Балкан и натаму е регион под влијание на различни странски фактори, потсетувајќи на конфликтите што го потресоа регионот во 1990-тите години.
Тој посочи дека две држави успеале да избегнат масовно насилство – Црна Гора и Македонија, додавајќи дека нашата земја има потенцијал да биде меѓу водечките кандидати во процесот на пристапување кон Европската Унија.
– Да, можеме да кажеме дека земјата не ги спроведе реформите во најбрз можен рок, но исто така мора да признаеме дека и ние во Европската Унија дадовме ветувања што не ги исполнивме – рече Вајц пред европските пратеници.
Според него, Македонија и другите земји од регионот покажуваат подготвеност за спроведување на потребните реформи, а Европската Унија треба да ја одржи нивната мотивација преку конкретни придобивки уште пред полноправното членство.
Како примери ги наведе делумната интеграција во европскиот пазар, олеснувањата во роамингот и приклучувањето кон Единствената европска платежна зона (СЕПА).
Вајц нагласи дека идното проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан ќе донесе значајни безбедносни и економски придобивки за ЕУ, оценувајќи дека по Црна Гора и Албанија, Македонија би можела да биде следната земја што ќе му се приклучи на европското семејство.
Украина и Молдавија официјално ги започнаа пристапните преговори со ЕУ


