Марта Пејоска / Фото: приватна архива

Марта Пејоска, уметница: Езерото и водата со години се инспирација за мојот филигрански накит

„Традиционалната техника не е пречка, токму напротив, во нејзините правила и прописи го видов потенцијалот за современите форми на накит“, вели Марта.

Филигранот е еден од најпрепознатливите занаети на нашето културно наследство – уметност што сведочи за умешноста, трпението и креативноста на мајсторите.

Марта Пејоска, архитектка по професија, а уметница по вокација, повеќе од две децении ја истражува и надградува филигранската техника и успешно ги спојува традицијата со современиот дизајн.

Нејзината изложба во Природонаучниот музеј во Скопје, организирана по повод стогодишнината на музејот, претставува значаен јубилеј и во нејзината кариера. Инспирирана од дивиот свет, езерото и природата, таа преку филигранскиот накит ни раскажува приказни за птици, риби, змии…

Во интервју за „Слободен печат“ разговараме со Марта за творечкиот пат, љубовта кон филигранот и нејзината самостојна изложба.

Марта, работите со филигран, техника со долга традиција. Како успевате да го задржите нејзиниот автентичен дух, а истовремено да создадете современ и препознатлив дизајнерски израз?

– Да, филигранската техника и филигранскиот накит се дел од нашето културно наследство. Имаат многу долга традиција и препознатливост ширум светот. Прашувате како успевам? Автентичноста, на кој било занает, се задржува сѐ додека се држиме до спецификите на техниката. До она што филигранот го прави филигран – во спротивно би се работело за нешто друго. Сѐ додека, на своја рака не ги менувам деталите, елементите и називите на истите, а притоа, тоа го ставам под името филигран, автентичноста се задржува.

Мојот препознатлив дизајнерски израз си дојде со тек на годините. Техниката почнав веднаш да ја усовршувам, откако ја научив. Иако тогаш студирав архитектура, сепак, речиси и да не направив пауза во работењето. Многу малку работев традиционални форми. По самиот курс, веднаш почнав да истражувам современи форми. Веројатно студирањето архитектура тука имаше големо влијание. Оти мислата веќе ми беше слободна, а конструктивно поткована. Сфатив дека сѐ може да се изработи, дека традиционалната техника не е пречка, токму напротив, во нејзините правила и прописи го видов потенцијалот за современите форми на накит. Сѐ што требаше беше поместување од традиционалната форма. Односно да одам чекор напред. И пракса, многу пракса.

Фото: Приватна архива

Неодамна имавте изложба на накит по повод стогодишнината на Природонаучниот музеј, која е инспирирана од дивиот свет. Што Ве привлече кај оваа тема и кои животински мотиви ги прикажавте во делата?

– Мене уште не ми е верно дека таа изложба се случи. Природонаучниот музеј е класика. Амбиент, кој е предизвикувачки сам по себе. Да застанеш со своите визии на дивиот свет, изработени во сребро, до самиот див свет, и тоа да се склопи речиси совршено е посебна умешност, a и одговорност. Имав трема. Но, позитивните и воодушевувачки реакции на публиката, секогаш ќе ми останат врежани во меморијата.

Изложбата со присутните луѓе, за момент го разбудија, оживеаја музејот. Оваа изложба покрај тоа што го бележи 100-годишниот јубилеј на музејот, си има и свој мал јубилеј. Со овој настан заокружувам 20-тина години филигранска кариера, прва моја самостојна изложба – каде што само јас сум автор и е најава за периодот од следните две години во мојата дизајнерска кариера, на сосема друга локација и во друг контекст.

Инспирацијата за оваа изложба не е ништо чудно, за мене. Природата поточно езерото и водата се моја тема на истражување повеќе од десет години. Така што, самата покана од Природонаучен музеј, дојде како природен след на нештата.

Фото: Приватна архива

Целата поставка беше во пет витрини, поврзани меѓу себе во след, а кои претставуваат засебни целини. Прва е витрината со змиите – шарки, масивниот ѓердан – јато птици и мал брош со две птици – пиштарки. Колку пати само сме сретнале змии на планина или во вода. Кај луѓето постои голема фобија од овие животни. Но, дали сте забележале дека змиите се едни од најелегантните суштества во природата? Симболиката на змијата низ вековите. За нивните шари на кожата да не ни зборувам, колку се инспиративни. До оваа следуваше витрината со брошевите со птици (соколи) и масивниот ѓердан, чија основа се гранки од дрвја – киви и магнолија. Следна витрина беше таа со едрилиците. Сѐ започна со крилото на птицата, односно со аналогијата на едрото на едрилицата. И оттука се разви малата колекција едрилици – брошеви, со компасот како централна точка и снегарите (струшки зимски галеби) околу него.

Сите витрини кријат по некоја приказна или момент, кој ми останал во сеќавање, а се случил додека сум била на планина или во вода. Тоа намерно не беше никаде напишано во склоп на поставката. Идејата е интерактивност, раскажување на накитот, будење на фантазијата, низ тие моменти и приказни што се случиле, а и повеќето луѓе кои биле дел од тие моменти беа присутни ноќта, на мое големо задоволство.

Фото: Приватна архива

Потоа следат двете витрини, со накитот на тема – риби. Едната витрина е со колекцијата „FISKE | FISH | РИБИ“, изработена минатата година, во склоп на проектот „Езерски пејзаж“ (Lakescape/лејкскејп), во чии рамки бев на уметничка резиденција во Шведска. Рибите ми се тема на истражување последниве неколку години. Така што, оваа колекција која ги поврзува Охридското езеро и Ванерн езерото во Шведска, имаше своја премиера пред публиката во Скопје на оваа изложба. Одамна не сум била олку возбудена, колку кога ги конципирав и работев овие парчиња накит. Мислата ми беше толку слободна, а со тоа и рацете. Работеа посветено деноноќно, околу два месеци. Ова беше навистинa еден од најзабавните периоди, за мене како дизајнер. Уживав во секој еден миг. И не сакав да заврши.

Фото: Приватна архива

Во рамки на изложбата претставивте и накит од проектот „Езерски пејзаж“. На кој начин ги вклопивте приказните за езерото и дивиот свет во една заедничка изложбена целина?

– Проектот „Езерски пејзаж“, имаше за цел да ги обедини трите езера, Охридското, Балатон и езерото Ванерн, преку дизајнот. Мојата уметничка резиденција, минатото лето, беше во градот Лидшопин, на езерото Ванерн, а работниот простор ми беше во истоимениот музеј, посветен на езерото. Искуството од таа резиденција ги надмина моите очекувања. Покрај филигранската работилница што ја одржав во музејот, имав прилика да го посетам кампусот за применета уметност и дизајн на Универзитетот во Гетеборг, и во склоп на нивната летна школа за архитектура и урбан дизајн, да менторирам една од нивните работилници, заедно со другите три девојки со кои бевме на уметничката резиденција во Лидшопин.

Што се однесува до мојата колекција современ накит, истражувањата за пастрмките т.е. различните видови риби од моето езеро се поклопи со она што го сретнав во Ванерн Езерото. Така што, направив една паралела, искористив природни камења и кварц, што ги собрав од брегот на езерото и ја создадов колекцијата „FISKE | FISH | РИБИ“.

Фото: Приватна архива

Охрид е постојан извор на инспирација во Вашето творештво – езерото, архитектурата и културното наследство. Како овие мотиви се присутни и претставени на Вашиот накит?

– Тоа јас со зборови не можам и не сакам баш да го објаснувам – тоа јас го покажувам низ парчињата накит и чинам се препознава. Среброто е медиумот низ кој се изразувам најдобро. Така што, подобро тоа да ја прашате публиката, која го носи мојот накит. Како ги доживува и препознава тие мотиви и инспиративни моменти и што тоа буди кај човекот, кои чувства ги разбранува, кога се носат мојот накит.

Фото: Приватна архива

Изработувате накит со силен дизајнерски печат. Кажете ни како изгледа и колку трае процесот на создавање една нова колекција?

– Ох, ние уметниците и времето не баш соработуваме. А, креативниот процес никогаш не застанува. Од една страна, веќе претходно закажан настан од типот на: изложба, саем, базар, експо и сл. на кој знаеме дека учествуваме, ни дава рок, кој за да го испочитуваме нè става во временска рамка и ни го диктира темпото на работа. Што е добро. Од друга страна, ограничувањата не секогаш делуваат добро на креативната мисла и слобода. Но, процесот отприлика изгледа вака. Ја имам генералната тема за настанот (во овој случај изложба) за кој треба да работам. Се изолирам од надворешниот свет, комуникации и дружења со луѓе се сведуваат на минимум и почнувам со истражување. Читам литература, го наоѓам она што специфично мене ќе ми запне за око, главната нишка која ќе биде препознатлива за целата колекција.

Фото: Приватна архива

Истакнувам детали и почнувам со скицирање. Паралелно додека читам и разговарам со компетенти луѓе на темата, веќе ми се вртат визии низ главата. Има еден вакуум период на седење дома и правење ништо, во кој се акумулира креативна енергија, во чија позадина е постојано размислување и конципирање, која ја носам до раб и во даден момент ја пуштам да „експлодира“ на хартија. Скицирам до „немајкаде“. Од сите тие концепти и скици, околу 40 отсто стигнуваат на работната маса како технички цртеж. Потоа, иако некои велат дека следува полесниот дел од процесот, не е секогаш така – посебно ако сте дизајнер како мене, кој многу често крерира додека работи. Но, токму во тие моменти, на необјаснива слобода и моќ, се создава ремек-делото. Во една колекција за изложба, обично се случува едно такво парче, исклучително ретко и две.

Откако ќе го завршам и последното парче, следниот ден, доаѓа чувство на празнотија и се застанува. Поминува настанот, во случајов отворање на изложба и повторно сè си доаѓа во баланс, поради напливот на емоциите од публиката. Отприлика вака изгледа креативниот процес, низ кој минувам јас, секој еден пат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот