Англија на еден ден пред натпреварот со Хрватска остана без важен фудбалер, Тухел повика замена од Челси
Репрезентацијата на Англија ќе биде ослабена на Светското првенство откако дефанзивецот на Њукасл, Тино Ливраменто, заработи повреда на мускулот само еден ден пред првиот натпревар на „Гордиот Албион“ на турнирот, пренесуваат англиските медиуми.
Препорачано
Селекторот Томас Тухел беше принуден да реагира во последен момент, а негов избор за замена е фудбалерот на Челси, Трево Чалоба.
Според правилата на ФИФА, репрезентациите имаат право да направат промена во конечниот список од 26 фудбалери најдоцна 24 часа пред првиот натпревар во групната фаза, но само во случај на сериозна повреда.
Ливраменто важеше за еден од клучните играчи во системот на Тухел поради неговата способност да игра на повеќе позиции во одбраната. Во текот на 2026 година настапи на сите натпревари за националниот тим, со исклучок на неодамнешниот пријателски меч против Костарика. Неговата можност подеднакво успешно да делува на двете страни од теренот му даваше дополнителни тактички опции на германскиот стратег.
На негово место во составот влегува 26-годишниот Трево Чалоба, кој досега има само еден настап за англиската репрезентација. Тој дебитираше во поразот од Сенегал со 3-1 во јуни минатата година.
Сепак, Чалоба е фудбалер во кого Тухел има голема доверба уште од периодот кога двајцата соработуваа во Челси. Под водство на германскиот тренер одигра 31 натпревар и постигна четири голови.
ВИДЕО | Контроверзна прослава на Иранецот Мохеби — даде гол, па „пукаше“ со пиштол


