Скалони: „Целиот свет сака да го гледа Меси“
Лионел Меси повторно е во центарот на вниманието пред првиот натпревар на Аргентина на Светското првенство, а селекторот Лионел Скалони не штедеше пофалби за својот капитен во пресрет на дуелот со Алжир.
Препорачано
Аргентина ја започнува одбраната на светската титула против Алжир на стадионот „Ероухед“ во Канзас Сити, а главна тема повторно е Меси, кој би можел да го игра своето последно Светско првенство.
„Не само Аргентинците, туку целиот свет сака да го гледа како игра. Тој има влијание не само врз нашите навивачи, туку и врз љубителите на фудбалот насекаде“, изјави Скалони.
Иако во пресрет на Мундијалот имаше помали проблеми со задната ложа, Меси оставил добар впечаток на тренинзите. Во последниот контролен натпревар против Исланд влезе од клупата, постигна гол од пенал и одигра дваесетина минути без никакви проблеми.
Доколку нема неочекувани промени, натпреварот против Алжир ќе биде негов 200-ти настап во дресот на аргентинската репрезентација.
„Нема ништо негативно што може да се каже за него. Секогаш е тука кога е потребно“, додаде Скалони.
Во Канзас Сити веќе владее вистинска „меси-манија“. Улиците се преполни со дресови со бројот 10, а навивачите со нетрпение го очекуваат неговиот настап.
„Меси е Меси. Тој е богот на фудбалот“, изјави еден навивач кој ќе биде присутен на трибините.
Искусниот дефанзивец Николас Отаменди се потсети на првенството во Катар во 2022 година и нагласи дека токму тој успех е дополнителна мотивација за нов поход кон титулата.
„Она што го направивме во Катар беше неверојатно. Целата држава беше обединета. Тоа ни дава сила да продолжиме понатаму, но нема простор за опуштање“, рече Отаменди.
Тој го опиша Меси како скромен човек кој живее за фудбалот.
„Тој е едноставен човек кој е целосно посветен на тренинзите, но во исто време е вистински натпреварувач. Сите сакаме да бидеме покрај него и да му помогнеме. Кога топката е во игра, тогаш сме едно семејство на теренот“, порача аргентинскиот дефанзивец.
Доколку Аргентина успее да ја одбрани титулата, ќе стане само третата селекција во историјата што успеала да освои две последователни светски круни, по Италија и Бразил.


